Брзоширечките БА.4 и БА.5 субваријанти на Омикрон закана за нов глобален бран на ковид

Фото: NIAID-RML (https://www.niaid.nih.gov/ & https://www.niaid.nih.gov/about/rocky-mountain-laboratories), CC BY 2.0, Викимедија комонс

Двете нови субваријанти на Омикрон, БА.4 и БА.5 се шират побрзо низ Европа одошто останатите варијанти на коронавирусот, што значи дека како што стануваат подоминантни, така може да го зголемат бројот на хоспитализации, соопштија неодамна од Европската агенција за превенција од болести. Засега европските земји детектираат ниски бројки од овие субгрупи, но во земјите каде што има пораст, како што е Португалија, 87 отсто од ковид пациентите беа заразени токму со БА.5 варијантата.

Европските земји доживуваат пораст на приеми во болниците заради овие подваријанти на високо заразниот вид омикрон, со што се заканува нов глобален бран на болеста, бидејќи ограничувањата за пандемијата се речиси укинати. Ковид бројките се зголемени во неколку земји, меѓу кои Франција и Англија. Во Германија, каде што приемите се зголемуваат повеќе од една недела, уделот на инфекции со ковид-19 е припишан на БА.5.

Во С. Македонија, во мај имаше стагнација на бројките, но во последнава недела има благ пораст. На 9 јуни бројот на нови ковид случаи бил 55, следниот ден – 65, па 69, а на 15 јуни беа регистрирани 75 нови лабораториски позитивни случаи.

Проф. д-р Драган Даниловски | Фото: Лична архива

„Не е исклучено меѓу нас веќе да се наоѓаат подваријантите на омикрон БА.4 и БА.5, впрочем, како и насекаде низ Европа. Но, дефинитивно летово ова би претставувале само благи бранувања на мирно море. За наесен, логично е вирусот повторно да крене глава. Како што и прилега на сезонски вирус, слично на грипот и настинките. И така, секоја година понатаму“, вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски.

Се шири лесно, но нема простор за загриженост 

Даниловски смета дека нема простор за загриженост. Според досегашните искуства, БА. 4 и БА. 5 не предизвикуваат потешка клиничка слика од претходните подваријанти на Омикрон.

„Ако дојдат овие подваријанти кај нас, сигурно ќе порасне бројот на заразени. Официјално ќе се регистрира само еден помал дел. Но, сите ќе бидеме осетливи. Ќе се заразуваат и оние што веќе прележале и што се вакцинирани и лесно ќе поминуваат, а само мал дел ќе завршат во болница“, додава тој.

Искуствата велат дека БA.4 и БA.5 не водат до потешка болест, но оние кои веќе го имале вирусот, повторно може да се инфицираат. Луѓето со примени три дози вакцина исто така се заразуваат иако доказите сугерираат дека вакцините продолжуваат да обезбедуваат силна заштита од најлош исход.

Расте бројот на случаи во Грција 

Просечниот број на нови инфекции пријавени во Грција се зголемува веќе 10 дена по ред. Инфекциите со ковид-19 се зголемуваат во Грција, со 6.374 нови инфекции пријавени во просек секој ден. Од почетокот на пандемијата, во земјата се пријавени 3.545.112 инфекции и 30.087 смртни случаи поврзани со коронавирус.

Грција ги олесни правилата за влез во земјата. Туристите можат слободно да влезат во Грција. Веќе не е задолжително носење маски на отворено или во затворен простор. Пристапот до ресторани, ноќни клубови и кина е неограничен.