fbpx

Брзиот скопски „трамвај на тркала“ запре на бавната реакција за финансирање на проектот

-

„Трамвајот на тркала“ (брз автобуски систем – БРТ) во Скопје на почетокот од декември помпезно се најави дека ќе добие владина поддршка за пронаоѓање средства, но засега нема информации кои чекори досега се преземени за неговата реализација. Министерството за финансии повеќе од три недели не одговара на прашањата на „Мета.мк“ за тоа до каде е процедурата за аплицирање за средства до Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), во функција на финансирање на брзиот автобуски систем.

Владата на седницата од 3 декември 2019 година го задолжи Министерството за финансии да ја отпочне постапката со испраќање на писмо со намери до ЕБОР за поддршка на изработката на физибилити студија, како и за можните опции за финансирање на брзиот автобуски систем. Иако „Мета.мк“ три пати испрати прашања до Министерството за финансии во врска со овој проект, одговори не добивме.

Од Градот Скопје велат дека ги спровеле сите постапки што е потребно да се завршат од нивна страна за реализација на проектот за воведување на брз автобуски систем. За конкретни рокови кога би профункционирал алтернативниот јавен превоз не можат да зборуваат, бидејќи одлуките за овој проект се носат надвор од нивната институција.

– Дополнително, на ова следуваат и повеќе постапки кои мора да се реализираат (одобрување од ЕБОР, усогласување на услови), на за крај ова задолжување, во вид на посебен закон за задолжување треба да биде донесен од страна на Собранието – велат за „Мета.мк“ од Град Скопје.

Во „Стратешкиот план на Град Скопје за период 2020-2022 година“ се наведува дека во 2022 година би се започнало со имплементација на брзиот автобуски систем, за што ќе бидат потребни 182 милиони евра. Сепак, и во овој стратешки документ нема прецизни рокови за тоа кога би започнала изградбата и во кој рок би можело да се стави во функција тн. „автобуско метро“.

Брзиот автобуски систем е предвидено да се воведе како замена за досегашната идеја за изградба на трамвај во Скопје. Двете планирани линии се во правец „исток-запад“ од Ново Лисиче до Ѓорче Петров и „север-југ“ од Бутел до Кисела Вода. Наместо да се градат шини по булеварите, „трамвајот на тркала“ предвидено е да сообраќа по физички одвоена траса на булеварите. За сообраќање на ваквите автобуси ќе се одземе по една сообраќајна лента во секој правец од улиците по кои ќе поминуваат двете линии.

Експертите веќе реагираа дека за изработка на физибилити студијата, проектната документација и пронаоѓањето финансии ќе бидат потребни најмалку три години, доколку посветено се работи од властите.

– Дури и веќе да има изработено физибилити студија и сообраќаен и главен проект, и да се обезбедени пари, реализацијата би подразбирала обемна работа на терен – реконструкција на сите раскрсници по должина на трасата, промена на профилот на сообраќајниците, проектирање на стојалиштата – станиците, прилагодување и тестирање на софтверот за управување на сообраќајот и т.н. – посочи универзитетскиот професор Никола Крстаноски на прашањата на „Мета.мк“ поставени во декември минатата година.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...