Бруцошите во Скопје можат да извадат годишни билети за бесплатен јавен превоз

Фото: Мета.мк

Студентите-бруцоши веќе можат да извадат годишни билети за бесплатен јавен сообраќаен превоз во Скопје, а постапката останува иста како и изминатите години, велат за „Мета.мк“ од Јавното Сообраќајно Претпријатие Скопје (ЈСП Скопје).

За да го користи правото на бесплатен градски превоз во главниот град, студентот, пред сѐ, треба да биде редовен студент на некој од државните факултети во Скопје.

Постапката за вадење билет се врши во некој од центрите за персонализација на ЈСП Скопје.

Постојат седум центри за персонализација: во Автокоманда, на автобуската постојка кај Шумарски/Земјоделски факултет, во Аеродром до ТЦ „Капитол“ во зградата на „Телекабел“, на Бит пазар спроти некогашен „26 јули“, во Порта Влае на автобуската постојка, во Центар во Градски ѕид во просториите на ЈСП ТУРС (во пролазот спроти кафе „Корзо“), во Карпош 2 на автобуската постојка кај Педагошки факултет и на Транспортен центар на терминалот на ЈСП Скопје, во автобусот.

Работното време на центрите за персонализација е од понеделник до сабота од 7:00 до 19:30 часот.

Од ЈСП велат дека е неопходно лично присуство на студентите во некој од центрите за таму да се сликаат. Студентот треба да достави потврда за редовен студент, не постара од еден месец, издадена од матичниот факултет, како и индекс и лична карта на увид.

Притоа, се плаќа еднократен надоместок од 200 денари за изработка на персонализирана картичка „Скопска“.

На бруцошите билетот автоматски им важи до истекот на наредната календарска 2023 година, додека студентите од втора и повисоките години ќе треба да ги продолжат своите билети кои ќе им истечат во декември годинава.

Бесплатните годишни студентски билети важат за користење на сите градски и приградски линии, но не важат за ноќните линии.

„Единствено „Скопска“ со соодветниот билет е единствен валиден документ за бесплатно користење на јавен превоз од страна на студентите кои ги исполнуваат условите за студентски годишен билет за бесплатно користење на јавен превоз. Не се признаваат индекс, потврда за редовен студент и слично“, велат од ЈСП Скопје.