fbpx

Црн ден за Белгија: 34 загинати и 136 повредени

-

Белгискиот јавен сервис „Ве-ер-те“ објави дека е зголемен бројот на жртвите во нападите во Брисел и оти тој се искачил на 34 лица. Дваесет лица се убиени во експлозиите на метро-станицата, а 14 во експлозиите на аеродромот.

Во двата напади повредени се 136 лица.

Белгискиот премиер Шарл Мишел на прес-конференција изјави дека ова е „црн ден“ за Белгија и ги повика граѓаните на сталоженост и на солидарност.

Генералниот секретар на Советот на Европа, Тјорборн Јагланд, изјави дека е шокиран од вестите за терористичките напади во Брисел.

– Ова е уште еден напад на европските вредности, јасно е дека станува збор за терористички напади во кои загинаа многу лица. Нашите мисли се со семејствата на жртвите, белгискиот народ и со белгиските власти – рече Јагланд на конференцијата за медиуми во Советот на Европа.

Генералниот секретар на СЕ нагласи дека Европа мора да се држи заедно и да ја продолжи одлучната борба против тероризмот, почитувајќи ги човековите права.

– Мораме да бидеме свесни зошто се случува тоа и од каде доаѓа за да можеме да се фокусираме на спречување на идните напади – рече Јагланд.

Шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, која говорела во јорданскиот главен град Аман, каде се наоѓа во посета, изјави дека „ова е многу тажен ден за Европа“.

– Ова е особено тажен ден за Европа. Во овој момент Европа и нејзиниот главен град ја доживуваат истата болка што овој регион (Блискиот Исток) ја има почувствувано и секојдневно ја чувствува. Се солидаризираме не само со страдањето на жртвите, туку и во одговорот на делата и во заедничкото справување со радикализацијата и со насилството – рече Могерини, прснувајќи во плач.

Во терористичките напади во Брисел ранет е и еден словенечки дипломат.

Претставник на конзуларната служба на министерството за надворешни работи на Словенија, Андреј Штер, за медиумите изјави дека дипломатот е хоспитализиран.

– Се надеваме дека со тоа се исцрпени лошите вести за денеска – рече Штер, без притоа да изнесе други детали.

Џихадистичката организација Исламска држава ја презеде одговорноста за нападите во Брисел. ИД своето соопштение го објави преку својата новинска агенција „Амак“, јавуваат египетските медиуми.

Според податоците на беглиското федерално обвинитлство, еден бомбаш самоубиец активирал експлозив на аеродромот во одделот за патници во делот за полетувања, додека втората експлозија на аеродромот е најверојатно од автомобил бомба.

Европската комисија, чие седиште е во Брисел, соопшти дека минува на портокалово ниво на тревога, што значи дека пристап во институциите на ЕУ имаат само вработени лица.

Белгиските власти прогласија највисоко четврто ниво на сигурност во целата земја по експлозиите на аеродромот и на метро-станиците. Знамињата во Брисел се спуштени на половина копје, во знак на жалост за жртвите.

Поради моменталната безбедносна ситуација во Брисел, властите го затворија целиот јавен превоз.

Безбедносните мерки се заострени во цела Белгија, Франција, Лондон и во Њујорк.

Минатата недела во Брисел беше уапсен и еден од главните осомничени за терористичките напади во Париз, Салах Абдеслам.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...