Утрово беа утврдени околу 50 жртви во најсмртоносните поплави што ја погодија Шпанија во последните три децении во источниот регион на Валенсија, оставајќи ги патиштата и градовите под вода, а сега бројката се искачи на повеќе од 64, пренесе Реутерс.
Спасувачите цела ноќ користеле гумени чамци, и работеле во мрак за да се справат со последиците од поплавите. Според телевизиски снимки од градот Утиел, голем број на луѓе се спасени и однесени на безбедно. Службите за итни случаи сè уште работат за да стигнат до најтешко погодените области.
„За оние кои во овој момент сè уште ги барате своите најблиски, цела Шпанија е во жалост со вас“, изјави премиерот Педро Санчез во телевизиско обраќање ветувајќи дека сите улици, мостови и плоштади ќе бидат целосно обновени.
„Ако тимовите за итни случаи не пристигнале, тоа не е поради недостаток на средства или предиспозиција, туку проблем на пристап“, изјави претседателот на владата на Валенсија Карлос Мазон на прес-конференција, додавајќи дека пристапот до одредени области е „апсолутно невозможен“.
Десетици видеа споделени на социјалните мрежи во текот на ноќта се чини дека покажуваат луѓе заробени од поплавите, а некои се качуваат на дрвја за да не бидат однесени од водата. На една снимка се покажува како спасувачите прават сè за да ги извлечат жртвите.
Возовите кон градовите Мадрид и Барселона беа целосно запрени поради поплавите, а училиштата и другите јавни установи беа затворени во најтешко погодените области, соопштија властите.
Службите за итни случаи ги повикаа граѓаните да ги избегнуваат сите патувања и да ги следат дополнителните официјални совети, а на некои места беше распоредена воена единица специјализирана за спасувачки операции за да им помогне на локалните работници за итни случаи.
