fbpx

Бројот на затворени субјекти за 1,5 години е околу 10, а не 12 илјади, но повеќе се новоотворени отколку затворени

-

ВМРО-ДПМНЕ наведува дека бројот на затворени компании за 1,5 години бил над 12 илјади. Но не го наведува изворот. Ниту наведува колку во меѓувреме се отвориле. Бројот на затворени субјекти, каде што спаѓаат и компаниите во 2021 и 2022 година според ЦРМ е над 10, а не над 12 илјади субјекти (и компании). Освен ова ако се земе вкупната бројка на субјекти (и компании) за три години, според ЦРМ, соодносот на впишани и избришани субјекти (и компании) е за над 4 илјади повеќе впишани отколку избришани, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

Во соопштение за јавност ВМРО-ДПМНЕ неодамна извести дека за една и пол година во Македонија биле затворени над 12 илјади компании, што е дискутабилно и недоследно:

Македонија за година и пол има над 12 илјади затворени компании. Економската активност е сериозно забавена и според проценките на Светска Банка, Македонија ќе има најмал раст на БДП во 2022 година во цела Европа, а од нас полоши ќе бидат само Русија и Украина кои се во војна. Дополнително Македонија се соочува со огромна стапка на сива економија од 33% што е далеку полоша и од Косово и од Албанија.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ/веб страница – датум: 09.12.2022]

 

ОБРАЗЛОЖЕНИЕ:

Комуникациска порака преку соопштение која има за цел да ја прикаже лошата економска состојба во РСМ беше лиферувана од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, но еден од клучните податоци што требаше да ја поткрепат политичката порака е дискутабилен, односно недоследно.

Станува збор за соопштение во кое се наведуваат бројки од инфлацијата за ноември, од стапката на сивата економија изразена во проценти и од бројот на компании кои престанале да работат во изминатите една и пол година и токму тој дел од соопштението е најпроблематичен затоа што се наведува изворот, а не се наведува ниту бројот на новоотворени за истиот период.

Бидејќи партијата не дава извор, при проверката најупатно e да се појде од Централниот регистар на РСМ (ЦРМ). Според овој извор, со споредба на податоците за последните три години, проверено на 13.12.2022 г., може да се утврди дека бројот на бришење на субјектите (и компаниите) од Трговскиот регистар (ТР) и Регистарот на други правни лица, т.е. згаснување на субјектите (и компаниите), навистина е зголемен во 2021 и 2022 до денот на проверката на веб страницата, во споредба со 2020 година, но е помал за најмалку две илјади субјекти од она што се тврди во партиското соопштение.

Имено во 2020 година 6222 субјекти (и компании),  биле испишани од ТР, во 2021 година тој број пораснал на 6995, а заклучно со 11 месец годинава 6485 субјекти (и компании). Во исто време 7077 нови субјекти (и компании) биле впишани во 2020 година, 8662 нови субјекти (и компании) во 2021 година и 8309 во 2022 година.

Вкупно пак, за три години има над 24 илјади ново впишани (24048) субјекти(и компании), додека згаснати се 19.702 субјекти (и компании), односно на пазарот функционираат 4346 субјекти (и компании)  повеќе, во вкупната бројка над 110 илјади субјекти или околу 80 илјади трговски друштва и околу 12 илјади самостојни вршители на дејност.

Извор: Централен регистар на РСМ

Државниот завод за статистика пак (последно објавените податоци се за 2021 година), во соопштението издадено во март 2022 година, наведува дека во 2021 година имало вкупно активни деловни субјекти  72 922 и во однос на 2020 година, тој број бил намален за 0.2 %.

Според ЦРМ пак, според табелата број на активни субјекти по организационен облик, во 2020 година имало 77 770 субјекти впишани во Трговскиот регистер, додека во 2021 година имало 78 944 во истиот регистер, што значи за 1.174 трговски друштва повеќе.

Поради погоре изнесените бројки може да се оцени дека делот од соопштението на ВМРО-ДПМНЕ што го рецензираме за бројот на затворени компании е дискутабилен, бидејќи не ги наведуваат изворите и не го наведува бројот на новотворените компании. Според тоа може да се оцени дека станува збор за недоследност.

 

ИЗВОРИ:

 

Оцени: Т.Б.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...