Централен регистар информира дека и покрај тоа што ковид-кризата во 2020 година предизвика тешкотии во работењето на компаниите, сепак нивните официјални податоци покажуваат дека лани бројот на згаснати и новоосновани правни субјекти се движел во рамките на просекот.

Од таму додаваат дека правните субјекти се бришат на нивно барање по пат на стечај, ликвидација и со статусна промена и бришења по службена должност согласно Закон за трговски друштва од кои најголемиот број се поради неподнесена годишна сметка, неуплатен основачки влог, три години по ред неактивни субјекти и незапишана имејл адреса.

Податоците покажуваат дека во 2017 година имало избришано 10.628 правни субјекти по сите основи, во 2018 таа бројка изнесувала 6.864, во 2019 година 7.243, а во 2020 година, 6.214.

Од Централниот регистар велат дека се импресионирани од храброста и претприемачкиот дух на македонските бизнисмени, дури и во услови на светска пандемија.

„Од официјалните податоци може да се види дека и бројот на новоосновани субјекти во изминатата 2020 година е во рамки на просекот од изминатите неколку години,“ соопштуваат од Централен регистер.

Во 2017 година бројот на новоосновани субјекти изнесувал 7.903, во 2018 година 7.378, во 2019 година 7.810 и во 2020, 7077.