Бројот на неписмени се намалил, но половиот јаз сличен како оној од пред две децении [инфографик]

фото: voltamax на Pixabay

Бројот на неписмено население во државата изнесува 18.897 лица, покажуваат бројките од третиот сет на податоци што ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС) на почетокот од месецов. Според последниот попис спроведен минатата година, неписмено е 1,2 отсто од населението. Она што е поразително е што помеѓу неписмените лица, повеќе од две третини или над 70 отсто, се жени.

Споредено со претходниот попис спроведен во 2002 година, процентот на неписмени лица во севкупното население се намалил. Во 2002 година, неписмени биле вкупно 63.562 лица, односно неписмено било над 3 отсто од населението. Но, и тогаш, половиот јаз во образованието бил видлив како и денес, две децении подоцна. Од тогашното неписмено население, три четвртини или над 76 отсто, биле жени.

Согласно последниот попис, јазот е особено забележителен кај повозрасните лица, односно како што се зголемува возрасната граница, така половиот јаз кај неписмените лица се продлабочува. Па така, бројот на неписмени лица над 50 години изнесува 12.587, од кои жени се 9.772, односно над 77 отсто од неписмените над 50 години е женско население.

Истовремено, жените доминираат и во бројот на писмено население во Република Северна Македонија. Писмено е над 95 отсто од населението, односно 1.461.295 лица, меѓу кои жени се 739.561, односно помеѓу писмените, повеќе од половина се жени.

Според највисокиот степен на школска подготовка, пак, во вкупното резидентно население на возраст од 15 години и повеќе, доминираат лицата со завршено средно образование, чиј број изнесува 44,1 отсто од вкупниот број население. Податоците покажуваат дека со основно образование се 27,8 отсто од популацијата, додека 17,3 отсто се со високо образование. Со незавршено основно образование се 4,1 отсто од населението, додека без образование се 1,5 проценти.

Магистерски студии завршила речиси 2 отсто од популацијата, докторат 0,4 отсто, додека 3 проценти се со непозната школска подготовка.

Споредено со пописот од 2002 година, забележително е дека највисокиот степен на школска подготовка расте, односно забележано е зголемување на лицата со завршено средно образование, додипломски, магистерски и докторски студии, додека бројот на лица без образование е намален.

Меѓу полињата на образование, најпопуларни за оние кои во моментов посетуваат образование се здравството и социјалната заштита, кои ги изучуваат 26.324 лица, потоа бизнис, администрација и право – 19.557 лица, инженерство, производство и градежништво – 18.589, општествени науки, новинарство и информирање – 17.552.  Информатичко-комуникациски технологии во моментов изучуваат 13.452 лица.

Автор: Гоше Николов