Бројот на библиотеки во земјава со години ист, членството за три години опаднало за речиси 50.000

Библиотеката во Охрид / Фото: Мета.мк

Во Македонија лани имало вкупно 175 библиотеки со вкупно 82.928 зачленети лица, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика. Бројот на библиотеки во земјава со години е ист, а единствено се менува видот на библиотеките низ периодот, и тоа од специјализирани во друг вид библиотеки и обратно. Во споредба со 2016 година, лани се намалил бројот на специјализирани библиотеки од 52 на 47, но затоа пак пораснал бројот на високошколски од 62 на 67.

Статистичките податоци покажуваат дека во изминативе три години значајно опаднал бројот на членови на македонските библиотеки. Во 2016 година, библиотечните установи имале 131.455 членови, додека лани ваквиот број опаднал за дури 50.000. Опаднатиот интерес за членство во библиотеките меѓу граѓаните од земјава не го менува фактот дека овие установи сепак имаат верни членови.

Во однос на бројот на корисници, лани имало вкупно 851.600 посети на библиотеките во земјава, додека пред три години имало 893.409 корисници на библиотеките. Ова значи дека всушност помалиот број на членови многу повеќе пати ги посетувале библиотеките за да ги користат читалните за учење, за да позајмат книги и друг библиотечен материјал за дома или да ги користат услугите што ги овозможуваат библиотеките во нивните простории.

Според Државниот завод за статистика, во 2019 година во нашата земја сме имале една национална, 67 високошколски, 47 специјализирани, три општонаучни, пет библиотеки – национални установи и 52 јавни (народни) библиотеки.