Двата разорни земјотреса и серијата помали потреси во понеделникот во југоисточна Турција и северозападна Сирија, досега однесоа над 9.600 човечки животи. Трескавично продолжува потрагата по преживеаните, во битка да се спасат што повеќе приклештени луѓе, поради смрзнувачките температури што владеат таму, јави Би-би-си.
Досега се регистрирани дури 648 последователни потреси.
Некои од спасените од урнатините во Турција за британскиот јавен радиодифузен сервис велат дека се гневни поради бавното работење, иако всушност станува збор за огромна територија која треба да се покрие со спасувачките мисии.
Во Сирија состојбата е уште полоша, бидејќи иако некаква помош успева да се пробие до погодените подрачја, транспортот на територијата окупирана од бунтовници е крајно отежнат и поради оштетените патишта. Сепак, и таму напорите не се без успех – посебно драматично беше извлекувањето на шестчлено семејство од урнатини во сирискиот град Идлиб.
Инаку, утрово и Украина испрати спасители и кучиња-душкачи. И покрај воената состојба во земјата, Украина испрати авион со 90 обучени спасители и 10 кучиња-душкачи, обучени за потрага по преживеани.
Иако состојбата на теренот е хаотична, сепак официјалните сознанија велат дека над 9.600 смртни случаи се веќе потврдени, а се очекува бројката, за жал, да расте. Во Турција до утрово се евидентирани 7.108 загинати, а во Сирија, според државните медиуми, бројката на загинати е над 2.500.
Според УНИЦЕФ, доставата на помош во северозападна Сирија е многу тешка задача. Многу патишта се тешко оштетени посебно на главните гранични премини и е многу тешко да се достават залихи од Турција до организациите што работат во Сирија.
Исто така, тешко се оштетени многу системи за водоснабдување во областа, поради што мора да се носи вода со цистерни. Оспособувањето на водоводите и другите системи за водоснабдување може да потрае до половина година, велат од УНИЦЕФ.
Во ова подрачје, инаку, од септември се шири колера.
Една од потрогателните сцени е онаа што ја забележа Би-би-си – спасителите на малечкиот Мухамед, кој повеќе од 45 часа е приклештен во урнатините во градот Хатај, му даваат вода во пластично капаче и го бодрат.
Првиот земјотрес со магнитуда 7,8 беше со епицентар крај турскиот град Газиантеп рано утрото во понеделникот, а по неколку часа дојде и вториот потрес, со магнитуда 7,5.
