Бројката на вакцинирани лица во земјава надмина половина милион

Фото: МОН

На вакциналните пунктови и на терен, заклучно со вчера, вакцинирани се вкупно 500.995 граѓани, соопшти Министерството за здравство.

Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ земјава, а во тек е и теренска вакцинација. Вчера прва доза вакцина примиле 4.098 граѓани, а вкупно се вакцинирале 13.810 граѓани. Досега во земјава се дадени вкупно 862.426 дози вакцини, а ревакцинирани се 361.431 граѓани.

Со последните бројки 63 отсто од населението над 70 години имаат примено барем една доза вакцина, 60 отсто од населението над 65 години е вакцинирано со барем една доза вакцина, 55 отсто од населението над 60 години е вакцинирано со барем една доза вакцина и 45 отсто од населението над 50 години е вакцинирано со барем една доза вакцина .

Граѓаните без закажан термин се вакцинираат во постоечките вакцинални пунктови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба.

Сајтот vakcinacija.mk е отворен за закажување на термини за вакцинација на децата. Ревакцинацијата се одвива во спортските сали низ градовите во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп и во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, посочува Министерството за здравство.