Станува збор за дезинформација која манипулира со бројот на починатите од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Во објавата нема ни информација како е дојдено до наводната повисока бројка на починати која „неофицијално“ се дознава. Настрана фактот што во услови на национална трагедија, каде што има жртви, повредени и нивни семејства, бројките за починатите и состојбата на пациентите етички е да бидат предмет само на официјални соопштенија на здравствените власти, како што тоа го бараат новинарските кодекси насекаде, па и кај нас.
Вистиномер рецензираше објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ИНФОМАКС: ВОЗИЛА НА АРМ НА ПАТ КОН КОЧАНИ – РАСТЕ БРОЈОТ НА ЗАГИНАТИ, НЕОФИЦИЈАЛНО БРОЈКАТА НА ПОЧИНАТИ СЕ ИСКАЧИЛА ДО 70 ЖРТВИ.
Станува збор за дезинформација која е недозволива во услови на национална трагедија и жалост со инволвирани семејства на жртвите и инволвирани пациенти кои се наоѓаат на лекување и чија здравствена состојба треба да биде предмет само на официјални соопштенија на здравствените власти, базирана исклучиво на точни и утврдени факти.
Шпекулирањето со бројките е спротивно и на новинарскиот кодекс, предизвикува трауми и вознемирување кај семејствата кои го чекаат исходот од лекувањето на повредените и демонстрира непрофесионализам.
Дополнително објавата со неточен податок, дека се работи за „неофицијална бројка која се искачила на 70 загинати лица“, е објавена на 16.03.2025 година, односно на самиот ден на трагедијата. Оваа рецензија е пишувана три дена подоцна, што значи дека не е испочитуван Кодексот на новинарите каде се вели дека новинарот ќе настојува да биде обезбедено објавување на исправка, демант и одговор во случај кога ќе биде утврдена неточност на информацијата. И покрај тоа, објавата и понатаму опстојува на социјалните мрежи.
Членот 8 од Кодексот на новинарите гласи:
Начинот на информирање во случаи на несреќи, елементарни непогоди, војни, семејни трагедии, болести, судски постапки мора да биде ослободен од сензационализми. Во судските постапки треба да се почитува принципот на пресумпција на невиност, да се известува за сите инволвирани страни во спорот и да не се сугерира пресуда.
На 19.03.2025 година, во 15 часот министерот за здравство изјави дека првите 72 часа по пожарот поминале без нови смртни случаи. Тоа значи дека 3 дена по објавата што ја рецензираме, бројот на загинати е 59 наспроти изнесеното во објавата. Во домашните и странски клиники на 19.03.2025 се лекуваат вкупно 178 пациенти.
Оригиналната статија на „Инфомакс“, на која се повикува рецензираната објава, е избришана. И покрај тоа што се работи за преземена вест и објава, тоа не го амнестира од одговорност администраторот на страницата, профилот или групата што ја споделува дезинформацијата, според правилата на компанијата Мета, сопственик на платформите Фејсбук, Инстаграм, Тредс и Вацап..
Поради сите горенаведени факти, објавата што ја рецензираме ја оценуваме како невистина.