Фото: Sergey Zolkin on Unsplash

Нови дезинформации во однос на воведувањето на сексуално образование во образовниот процес денеска се проширија на Фејсбук и станаа вирални, односно веќе достигнаа до огромен број луѓе.

Илустрација на која е прикажан полов однос помеѓу маж и жена денеска беше споделен во Фејсбук групата на иницијативата „Учебници и настава мора да има“. Автор на постот е координаторката на иницијативата, Драгана Спасевска, која над илустрацијата напиша:

„Ова можеби ќе биде наша црна иднина, бидејќи уште од најрана возраст ќе ги учат децата дека „клацкањето нагоре-надолу е игра“…па и детето ќе посака на 11 години да си игра“.

Постот со илустрацијата првично е објавен на нејзиниот личен профил на Фејсбук, а потоа и споделен во групата на иницијативата во која членуваат речиси осумдесет илјади родители. Во моментот на пишување на текстот, постот броеше околу 400 допаѓања и над 100 коментари во кои се искажува одвратност кон илустрацијата, како и навреди и невкусни зборови.

Во коментарите, авторката на објавата оди и подалеку, па тврди дека таквото „информирање“ било наменето за ученици од четврто одделение, кои се на возраст од девет години.

Од Бирото за развој на образованието, како имплементатор на Проектот за Сеопфатно сексуално образование, што се реализира со поддршка на граѓанската организација ХЕРА, како и меѓународните организаци УНЕСКО, УНДП, Светската здравствена организација и УНФПА, потврдија дека станува збор за манипулација.

Од таму велат дека во претстојната учебна година, дел од пилот програмата за Сеопфатно сексуално образование ќе бидат само ученици кои учат во деветто одделение, односно кои се на возраст од 14 и 15 години, а не како што се тврди во постот и во коментарите, на 11 годишна возраст. Тие демантираа и дека илустрацијата воопшто е дел од изготвениот материјал и наставната програма.

„Проектот предвидува во учебната 2021/22 година да се спроведе пилотирање на наставна програма за Сеопфатно сексуално образование во само четири основни училишта во деветто одделение. За успешно пилотирање изготвена е наставна програма за Сеопфатно сексуално образование за деветто одделение, односно за ученици од 14-15 годишна возраст. Исто така, изготвен е и Прирачник за наставници за реализација на наставната програма, согласно резултатите од учењето одредени во наставната програма, а учебник за ученици нема, што значи дека наведените содржини/илустрации не се дел од изготвениот материјал во рамките на проектот“, велат од Бирото за развој на образованието.