Наместо со засилено темпо да го решаваат проблемот со паркирањето, општинските власти и одговорните државни институции со текот на годините го намалуваат бројот на објекти за паркирање со кои тие директно управуваат. Сето ова се случува во период кога бројот на регистрирани патнички возила во земјава значително расте од година во година.

Во последниве пет години бројот на новоотворени паркинг места низ градовите е за над 10 пати помал во споредба со бројот на новорегистрирани автомобили во земјава.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека бројот на автомобили регистрирани во македонските општини континуирано растел низ годините. Ако во 2014 година имало 371.449 патнички автомобили со македонски регистарски таблички, пет години подоцна оваа бројка се искачила на 415.062 автомобили. Во 2018 година се регистрирани дополнителни 43.613 патнички автомобили низ државава.

Но, статистичките податоци укажуваат дека истовремено се намалува бројот на објекти за паркирање што се во сопственост на деловните субјекти за јавни паркиралишта и паркиралиштата со кои управуваат општините. Лани имало 196 вакви објекти за паркирање, кои имале капацитет да примат 29.167 возила.

Пред пет години, бројот на паркинзи со кои управувале општините и одговорните претпријатија изнесувал 235. Притоа, бројот на паркинг места во овие објекти за пет години се зголемил за само 3.361 возило, покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Ваквата колизија на бројките посочува дека македонските општини и одговорните државни институции недоволно вложуваат во инфраструктурни објекти за решавање на проблемот со паркирање во градовите. За пет години на целата територија на земјава биле изградени единствено две дополнителни катни гаражи, додека бројката на покриени гаражи со кои управуваат општините и јавните претпријатија се намалила со текот на годините.

Во услови на немање доволно паркинг места со кои управуваат општините и јавните претпријатија, граѓаните ги паркираат своите возила на приватни паркинзи на станбени згради и деловни објекти, по тревници и паркови низ градовите, а заземаат и дел од коловозните ленти по самите улици.