Воведувањето директен воз од Транспортниот центар до Меѓународниот аеродром „Скопје“ би можело да го скрати времето на патување и да ги намали трошоците на патниците, а да го зголеми комфорот при патување на оваа релација. Наспроти ваквите предности, засега нема интерес кај локалните власти за воведување ваков воз.

До Град Скопје доставивме прашања за тоа дали постои интерес градската власт да учествува во проектирањето и изведбата на проектот, но досега не добивме одговор на поставените прашања.

Наспроти ваквата незаинтересираност, фактите покажуваат дека постојат бројни предности од воведување директен воз до скопскиот аеродром. Во Националната транспортна стратегија 2018 – 2030 година е проценето дека проектот би чинел 30 милиони евра, во чии рамки е пресметана и изградбата на железнички крак долг од 3 до 5 километри, меѓу аеродромот и железничките станици Илинден или Миладиновци.

Притоа, постојното време на патување со автобус од Транспортен центар до аеродромот e 30 – 35 минути, додека на патнички воз од Транспортен центар му требаат од 13 до 19 минути за да стигне до железничката станица Илинден. Покрај двојно побрзото време за патување што би се постигнало со идниот воз, и цената на билетот до скопскиот аеродром би можела да се намали. Сегашната  цена за патување со автобус до аеродромот во еден правец е 180 денари. Наспроти ова, за патување со воз од главната железничка станица во Скопје до станицата Илинден треба да се одвојат 43 денари во еден правец.

Идниот аеродромски воз би нудел многу поголем комфор на патниците. Наместо постојните 51 до 59 седишта во постојните автобуси, возовите би можеле да пренесат над пет пати повеќе патници. Сегашните гарнитури на „Железници на РСМ – Транспорт“ имаат од 146 до 302 седишта. Следствено на ова, аеродромскиот воз би можел да се користи и како директна врска со центарот на Скопје за населението што живее во општините Петровец и Илинден, како и за вработените во тамошните индустриски зони.

 

Дополнително, директната железничка врска меѓу аеродромот и Транспортниот центар ќе им овозможи на граѓаните што патуваат со авион на најлесен и најбрз начин да остварат трансфер со градски автобус во Скопје или меѓуградски превоз со воз или автобус до останатите градови.

За воведување на аеродромскиот воз во Скопје најпрво треба да се изработи физибилити студија за неговата изводливост и неопходната проектна документација.

Вакви слични проекти веќе се реализирани во многу европски градови, албанскиот главен град Тирана е еден од градовите кои во моментов се подготвуваат за воведување на ваква директна железничка врска со аеродромот.