Речисти во исто време додека двајцата премиери, Зоран Заев и Ана Брнабиќ зборуваа за лажните вести, на неколку медиуми се појави вест дека српската премиерка била пречекана без знаме пред Владата.

Како што може да се види од официјалните фотографии тоа е намерно објавена дезинформација.

Оттаму, насловот на текстот дека српската премиерка Ана Брнабиќ е пречекана без знаме пред Владата, е лажен. Знамето на Република Србија е поставено на јарбол веднаш до македонското. Се разбира, за манипулацијата од насловот да биде поуспешна, избрана е токму фотографија на која се гледа само македонското знаме.

Алудирајќи на гафот на Владата, кога австрискиот канцелар Себастијан Курц беше пречекан со погрешно знаме, во текстот на „Република“ се „тврди“ дури и дека Брнабиќ била пречекана без знаме, наводно „за да не се погреши државата“.

Освен што на официјалните фотографии јасно се гледа дека знамето на Република Србија го има, за ова демант стигна и од Владата.

Инаку, денеска на прес-конференцијата на премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ големо внимание беше посветено на лажните вести. Според премиерот Заев, „лажните вести можат да направат и непријатели меѓу земјите кои се пријатели.“

Многукратното повторување на вистината за да можат читателите и гледачите да разграничат што е лажна вест, а што не, во моментов е едниствениот начин на кој политичарите можат да се борат против лажните вести, рече Заев.

Според српската премиерка Брнабиќ, сè додека има поголем број конкретни инцијативи, заеднички проекти и добри идеи, директна комуникација и меѓусебни посети, тоа дава многу појасна слика за меѓусебните односи помеѓу двете земји отколку лажните вести.