Секундарните родители (мајки и татковци), односно родителите со кои децата не живеат по развод или разделба, пред реагираа дека се случува масовна појава примарните родители самоволно да ги прекршуваат решенијата за видување издадени од Центрите за социјални работи под изговор на вонредната состојба и мерките за ограничување на движењето.
Одговорните во Министерството за труд и социјална политика само повторија член од Законот за семејството според кој „двајцата родители се должни совесно и одговорно да ги извршуваат родителските права и обврски и да се грижат за заштита на здравјето на децата“.
Но, во реалноста, на секундарните родители и натаму им е оневозможено да си ги гледаат децата.
И додека српските власти како и во други земји во регионот, со дозвола за движење во полициски час ги опфатија и овие родители, само за да не се прекршат правата на децата на кои им се потребни двајцата родители, кај нас, вакви дозволи нема.
Бранко Брковиќ од Кавадарци е татко на тригодишно дете. Иако со решение има право да си го гледа детето само два пати месечно по пет часа, сега, во услови на вонредна состојба, тврди дека дури и тоа минимално видување му е оневозможено. Тој за „Мета.мк“ зборува за проблемите со кои се соочува околу видувањата на детето.
Kaко вам, како секундарен родител, ви е предвидено со решение да го гледате детето?
Според последното решение донесено од Центарот за социјални работи (ЦСР) во Скопје од 21 јануари, син ми можам да го гледам два пати месечно по пет часа, на територија на град Скопје. Значи секој прв и трет четврток во месецот во време од 14.30 до 19.30 часот. Со претходното решение ми беше доделено исто два пати месечно, но по 2,5 часа. Во Законот за семејство пишува во кои случаи на едниот родител му се ограничува видувањето со детето, а јас не исполнувам ниту еден од тие услови. Зошто е ова толку малку од ЦСР, никој нема одговор. Ова е злоупотреба и кршење на правата дадени и гарантирани со Устав и закон на моето дете, на негова и моја штета.
Кога последен пат сте го виделе вашето дете?
Последен пат го видов син ми на 5 март. Од тогаш, мојата поранешна сопруга не го дава на средбите пропишани со издаденото решение. Ѝ посочив дека пропуштените средби кои требаше да се одржат на 19 март и 2 април, не се во спротивност со владините мерки за ограничување на движење, односно дека во владините мерки за ограничување на движењето и самоизолација не е предвиден прекин на видувањата на секундарните родители со нивните деца. Но, немаме разбирање, а со тоа јас и моето дете се отуѓуваме.
Дали се обративте за помош во социјалните служби во вашиот град и што ви рекоа оттаму?
За проблемот со прекинот на средбите се обратив и до ЦСР во Кавадарци и од таму ме известија дека ЦСР Скопје постапувал по случајот, па тие не биле надлежни за тоа, а добиле насоки од ЦСР Скопје дека ние како родители требало да се договориме околу видувањето. Ако јас можев да се договорам со поранешната сопруга, тогаш не ќе имав потреба од инволвирање на ЦСР. Пред два месеца телефонски се слушнав со вработена од ЦСР Скопје, барајќи да не повикаат и двајцата родители и да се реши веќе еднаш овој проблем кој се провлекува веќе три години, на што добив одговор дека јас сум жител на Кавадарци и тие немале ингеренции врз мене. Значи се префрла топката од едни на други, никој за ништо не е одговорен и никој за ништо не одговара.
Дали социјалните работници, на советувањата на кои одите ви зборуваат за обострана одговорност во воспитувањето на детето?
Според вработените во Центарот, не постојат „примарни и секундарни“ родители. Точно, на хартија не постојат, но во реалноста тие постојат, а тие, како одговорна институција за оваа проблематика која не презема ништо и покрај поплаките кои што ги добиваат од „секундарните“ родители, се директно одговорни за делењето на родителите на „примарни и секундарни“, а што е најстрашно најодговорни се за кршењето на правата на децата да остваруваат редовни контакти со родителите со кои не живеат. На советувалиштата на кои не упатуваат, упорно се зборува за обострано родителство, за обострана одговорност во гледањето и воспитувањето на децата, а во пракса не превземаат ништо во врска со самоволието што го практикуваат „примарните“ родители. Нека ми објаснат какво е тоа заедничко родителство кога од месечни 720 часа, јас треба да го гледам син ми само два пати по пет часа месечно, кои не се остваруваат редовно. За сето ова навремено известувам, но никој ништо нема превземено. Секаде во светот ваквото однесување на несовесниот родител веќе се смета како психичко малтретирање на детето за кое кривично се одговара. Само во нашата држава се смета како нормално однесување. А на крајот секогаш најголемата цена ја плаќаат децата.
Зошто сметате дека озаконувањето на иницијативата за заедничко родителство, ќе ги поправи работите и на тој начин ќе се обезбеди подеднакво присуство на двајцата родители во животот на децата?
Во измените на Законот за семејство што ги предлага Иницијативата за заедничко родителство, правата на детето и неговата заштита е на прво место. Зошто на некој му пречи прифаќање на предлог-законот за заедничко родителство, кога со негова примена најзаштитени ќе бидат токму децата? Навистина не ми е јасно. Совесните родители нема што да изгубат, а најмногу ќе изгубат неодговорните родители и родителите кои ги користат децата за лечење на комплекси и лични фрустрации по разводот со другиот родител на детето, како и родителите кои не си ги исполнуваат своите обврски спрема децата со што им наштетуваат на сопствените деца. Со донесување на овие измени, и ЦСР ќе си го олесни работењето и ќе си го намали обемот на работата, а децата би биле многу посреќни. Јас би препорачал вработените од ЦСР да одат на обука, каде што врвни психијатри и психолози ќе ги едуцираат каква психичка штета се прави на децата кога му се исклучува или ограничува присуството на едниот родител од животот и воспитувањето на самото дете.