Во најновиот разузнавачки извештај на Британското Министерство за одбрана се наведува дека на Русија ѝ недостасува муниција и маневарски единици за да извршат нова успешна офанзива врз Украина, пренесува весникот Гардијан. Официјална Москва ќе продолжи да инсистира на напредок на фронтот, но малку е веројатно дека Русија ќе може да собере сили потребни за суштински да влијае на исходот од војната во текот на наредните недели.
„Руските сили успеваат да освојат само неколку стотици метри територија неделно“, се наведува во извештајот, во кој се додава дека руските команданти прават планови кои бараат од неискусните и недоволно екипирани единици да постигнат нереални цели поради политички и професионален притисок.
Разузнавачкиот извештај сепак додава дека голема е веројатноста Русија да се обиде повторно да започне офанзивни операции во Украина, при што речиси сигурна цел им е да ги заземат преостанатите делови од Донецкиот регион што се под контрола на Украина.
Гувернерот на Луханскиот регион, Серхи Хајдаи во изјава за Ројтерс најавува нова руска офанзива која би можела да почне долж фронтот, а која би имала за цел Русија да ги поврати изгубените територии од западниот дел на овој регион.
Хајдаи тврди дека руските резерви се зголемуваат и тие се распоредуваат кон линиите на фронтот, но и додава дека руските сили веќе не гранатираат деноноќно, почнуваат да штедат муниција, што за него е знак дека се подготвуваат за целосна офанзива.
„Најверојатно ќе им требаат 10 дена за да соберат резерви. По 15 февруари можеме да ја очекуваме [оваа офанзива] во секое време“, вели гувернерот Хајдаи.
Во меѓувреме, украинскиот претседател, Володимир Зеленски најави кадровските промени на менаџерските позиции кои управуваат со украинските сили на границите со Русија и Белорусија и на самата линија на фронтот. Со овој потег ќе треба да се зајакнат воените напори на Украина, во услови на неизвесност за иднината на актуелниот министер за одбрана Олексиј Резников.
„Во голем број региони, особено оние на границата или на линијата на фронтот, ќе назначиме водачи со воено искуство. Оние кои можат да се покажат како најефикасни во одбраната од постоечките закани“, изјави Зеленски.
Билансот од руските воени дејствија во изминатово деноноќие е нови загинати и повредени лица и разрушена инфраструктура во регионите Донецк, Херсон, Днипропетровск, Луханск и Суми. Еден цивил загинал, а пет се повредени во руските ракетни напади на Донецкиот регион во изминатово деноноќие, пренесува Укринформ.
Како последица на руското гранатирање, пет населени места со 60.000 жители во Днипропетровскиот регион се оставени без вода за пиење. Регионот Суми на североистокот од Украина бил гранатиран во 55 наврати, при што биле погодени три населени места во овој регион, јавуваат украинските медиуми.