Британските научници тврдат: Потребни ни се пресвртни точки за да се справиме со климатските промени

Пресвртна точка - од мала група на луѓе, користењето на соларни панели прерасна во масовна појава; Photo by Jeremy Bezanger on Unsplash

Воведените субвенции и масовното пуштањето во употреба на енергетски објекти брзо ги намалија трошоците за производство на енергија од сонцето и ветерот, исто како што масовното прифаќање на електричните автомобили се забрзува и доведува до нивно поевтинување. На светот му се потребни вакви пресвртни точки за да може да се справи со климатските промени, тврдат британските научници што ги пренесува весникот Гардијан.

Професорот Тим Лентон од Универзитетот во Ексетер е предводник на тимот научници што работеа на студија како малите интервенции, откако ќе се активираат, можат да прераснат во системски промени. Наместо да се фокусираат кон намалувањето на емисиите на стакленички гасови, ова истражување се фокусира на тоа еколошките избори да постанат најатрактивни.

Студијата посочува дека пресвртните точки ќе треба да се идентификуваат во борбата со климатските промени и да се насочат кон негативните точки, кои ќе овозможат брза акција за справување со климатската криза. Научниците велат дека драматично забрзување на општествените промени е неопходно.

„Единствениот начин на кој можеме да се приближиме до нашите глобални цели за јаглеродните емисии и биодиверзитетот е преку позитивни пресвртни точки“, вели професорот Тим Лентон.

Оваа студија посочува дека големите промени би можеле да започнат од мали групи, но стремежот за пронаоѓање на пресвртните точки може да го идентификуваат и светските лидери. Па така, на Конференцијата за климатски промени (КОП 26) повеќе од 40 земји ширум светот објавија дека ќе ги координираат инвестициите и ќе ги усогласат стандардите за да се постават вакви пресвртни точки.

Студијата на научниците е објавена во списанието Global Sustainability и дава примери за пресвртни точки, па така намалената цена на ЛЕД светилките би можело да доведе до зголемување на нивната примена или како почнале да се менуваат ставовите на јавноста за пластиката за еднократна употреба по телевизиското шоу Blue Planet II. Тие како пресвртна точка ги идентификуваат и соларните панели, односно како нивното поставување на покривите на домовите од мали групи на луѓе прераснало во своевидна масовна појава на нивна изведба.

Општествените промени кои ги доведуваат ваквите пресвртни точки може да произлезат како од јавните инвестиции и новите државни политики, така и од приватните инвестиции, но и од индивидуи како што се активностите на Грета Тунберг. Британските научници велат дека во иднина треба да се проучи во детали како да се активираат ваквите пресвртни точки, кои би можеле да бидат клучните активности на климатската акција.