Британските министри добија забрана да користат ТикТок на службените телефони

Досега забрана за користење на ТикТок на службени уреди или уреди во државна сопственост воведоа САД, Европската комисија, Канада, Белгија, Индија и Нов Зеланд

фото: Solen Feyissa на Unsplash

На министрите во британската влада на нивните службени телефони и уреди, од безбедносни причини им е забрането да ја користат апликацијата за видеа ТикТок која е во кинеска сопственост. Владата стравува дека кинеските власти можат да имаат пристап до чувствителни информации што се чуваат на уредите, јави Би-Би-Си.

Британскиот државен секретар за дигитализација, култура, медиуми и спорт, Оливер Дауден рече дека забраната е „претпазлив потег“. Тој додаде оти нема да ја советува јавноста да не користи ТикТок, но дека луѓето секогаш треба да ги земат предвид политиките за податоци на секоја платформа за социјални медиуми пред да ги преземат и користат.

Потпретседателот за владини односи и јавна политика на ТикТок во Европа, Тео Бертрам, за Би-би-си изјавил дека верува оти одлуката се заснова „повеќе на геополитика отколку на било што друго“.

Кинеската амбасада во Лондон соопшти дека потегот е мотивиран од политички причини.

Премиерот на Обединетото Кралство, Риши Сунак беше под притисок на пратениците да ги следи САД и ЕУ во забраната на апликацијата за споделување на видеа од службените владини уреди.

Во меѓувреме, британските министри го прифатија и го користат ТикТок како канал да ги пренесат своите пораки до помладите.

Некои политичари во Велика Британија најавија дека нема да се откажат од навиката да користат ТикТок на приватните телефони, и покрај безбедносните предупредувања.

Инаку, ТикТок во последниве години бележи 3,5 милијарди преземања ширум светот.

Во меѓувреме, преку истрага беше утврдено дека неколку западни новинари биле следени од вработени во „БајтДенс“, кинеската компанија во чија сопственост е ТикТок. Од компанијата рекоа дека тие вработени сега се отпуштени.

Досега забрана за користење на ТикТок на службените уреди или уредите во државна сопственост воведоа САД, Европската комисија, Канада, Белгија, Индија и Нов Зеланд.

Западните социјални мрежи како Фејсбук, Инстаграм и Твитер, пак, се блокирани во Кина.