Движењето #FreePeriods кое го водат деца и млади од Велика Британија се смета за важен пример за активизам на глобално ниво, дел од напорите преку кои бараат од возрасните да решат проблем кој е игнориран со децении.

Името #FreePeriods, кое буквално може да се преведе како „слободен период“ има повеќеслојно значење. Англискиот термин „period“ се однесува и на менструалниот циклус, но и на големиот одмор, односно периодот меѓу часови во текот на наставата во училиштата и факултетите. Зборот „free“значи и слободно, но и бесплатно.

Иницијатор на движењето е активистката Амика Џорџ од Северен Лондон, родена во 2000 година. Откако прочитала напис за тоа како многу сиромашни девојчиња губеле часови заради стигмата поврзана со менструалниот циклус или затоа што не можеле да си дозволат да купат хигиенски средства како тампони, таа на 17-годишна возраст иницирала петиција до владата која добила над 271.000 потписи. Како средношколка во април 2017 година ја основала организацијата FreePeriods.org која преку протести и други јавни настани бара од државата да обезбеди бесплатни хигиенски средства за училиштата.

Активностите на организацијата ги поддржале низа јавни личности, а покрај социјалните мрежи голема улога во ширење на нивната порака имале медиумите како „Воуг“ и „Тин Воуг“, кој Амика Џорџ ја има прогласено за една од најзначајните млади жени за 2018 г.

Во август 2018 година владата на Шкотска наменила 5,2 милиони фунти за борба против менструалната сиромаштија и во училиштата и во високошколските установи, како универзитетите. Шкотската министерка за труд Моника Ленон изјавила дека во врска со овој проблем од јавното здравство хигиенските средства мора да бидат достапни „за сите на кои им требаат“, без оглед на нивната материјална положба.

Во март 2019 година британскиот министер за финансии Филип Хамонд ветил дека средните училишта во Англија ќе добијат буџетски средства за обезбедување средства за хигиена за посиромашните млади. Џорџ и другите активисти ја поздравиле одлуката, напоменувајќи дека истото треба да се обезбеди и за основните училишта и тоа како законска обврска за сите идни влади, а „не еднократна политичка заложба“.

Прашањето за менструална сиромаштија во Република Северна Македонија за прв пат беше јавно покренато минатата недела. „Мета.мк“ ги пренесе податоците од истражувањето според кое цели 90 отсто од ученичките во селата во Македонија отсуствуваат од училиште четири до пет дена во текот на месецот кога имаат месечен циклус, а 75 отсто од ученичките во урбаните средини изостануваат два до три дена поради истите причини.