fbpx

Британскиот амбасадор изненаден: Што е ова со амнестијата за изборни измами?

-

Само што слета во Скопје, по средбата во Лондон со министерот за Европа, Дејвид Лидингтон, британскиот амбасадор во Македонија, Чарлс Гарет, со слика од скопскиот аеродром „твитна“ прашање: „Што се овие информации за активирање на амнестијата за изборни измами?“

Твитер-заедницата веднаш го затрупа британскиот дипломат со одговори од типот „Добредојде во реалноста“, „Тоа ти е Дуинг бизнис во стилот на ВМРО“, „Си замина од Македонија, но се врати во Грујостан!“, „Тоа е само уште еден обид да си ги спасат главите и да украдат уште едни избори“, „Те молам немој пак да си одиш, ќе збудалат“, „Да, многу се смени од вчера. Добредојде назад во поранешна демократска република Македонија. На здравје“.

Иницијативата за амнестирање на лица инволвирани во изборни нерегуларности е покрената од младиот охридски адвокат Ристо Китески, кој работи во адвокатска канцеларија на бранител на осомничени лица во случајот „Титаник“.

Уставниот суд прифати да ја разгледа иницијативата за промена на Законот за помилување, со која повторно му се дава право на претседателот на државата да помилува лица осудени за изборни нерегуларности.

Петмина уставни судии гласаа „за“, а четири „против“.

Вчера неколку стотици граѓани со фрлaње јајца по фасадата на зградата на Уставниот суд и со извици „Судска мафија“, „Партиски судии“, „Мафијашка држава“, „Оставка“, „Готово е Никола“, „Робија“, „Нема правда – нема мир“, протестираа пред судот поради одлуката за која, како што велат, е во одбрана на криминалците од власта кои местеле избори.

Законот во 2009 година го потпиша поранешниот претседател Бранко Црвенковски и во него се наведува дека претседателот нема повеќе да има надлежност да помилува лица кои ќе бидат осудени за изборни нерегуларности.

Сега, со изгласаната одлука на Уставниот суд, претседателот повторно ќе може да помилува лица што ќе бидат осудени за изборни нерегуларности.

Инаку, ова барање дојде откако Специјалното обвинителство го отвори предметот „Титаник“ со кој се истражуваат изборни нерегуларности во кои се вмешани актуелни и поранешни владини функционери.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...