fbpx

Британски експерт ќе ни ги решава проблемите со медиумите

-

„Интересна средба“, беше кусиот коментар на олеснувачот на преговорите на партиите потписнички на Договорот од Пржино, Питер ван Хојте, за денешните разговори за состојбата во медиумите.

Како што дознаваме, двајцата претставници на владејачката структура во работните групи, Билјана Бришковска од Министерството за правда и Артан Груби од ДУИ, предвреме го напуштиле состанокот. Инаку, на почетокот на средбата, своја презентација за состојбите во англискиот медиумски сервис „Би-Би-Си“ изнел британскиот експерт за медиуми, Ричард Бејли. Тој изнел решенија како да се надмине проблемот со политичкиот притисок во медиумите во Македонија.

На средбата на работните групи, беа присутни и претставници од ЗНМ и од МАН. Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани, изјави дека ЗНМ излегло со пет ставови за да се дојде до решение за хаотичната состојба во медиумскиот простор.

– За да почнеме да дискутираме на оваа тема, прво треба вицепремиерот Владимир Пешевски да си поднесе оставка. Понатаму треба да се престане со тужби од политичари кон новинари затоа што функционерите ги имаат демантот и исправката како можност. Предложивме промена на изборот на програмското раководство на јавниот сервис и побаравме итно запирање на политичкото комерцијално рекламирање на приватните телевизии. Без ова не можеме да дискутираме за промена во медиумската сфера – рече Селмани.

Ивона Талевска од МАН истакна дека и ова здружение излегло со неколку барања на состанокот на работните групи.

– Прво што побаравме е да се заострат казните за навреда и за клевета врз новинарите. Понатаму, треба да се промени финансирањето на јавниот сервис, а, исто така, битно е и прашањето порталите да се вклучат во постојните закони што ги опфаќаат медиумите – изјави Талевска.

Претседателот на работната група од СДСМ, Роберт Поповски, смета дека што поскоро треба да се реши прашањето за медиумите.

– Прашањето за медиумите е клучно за одржување фер и демократски избори. Затоа инсистираме ова прашање да се реши до 15 октомври, за медиумите да имаат доволно време за да се средат до изборите закажани за април 2016 година. Ако ова не се реши, нема да можеме да се оттргнеме од нивните розови очила – изјави Поповски.

Работните групи, освен за медиумите, паралелно ќе разговараат и за прашањата поврзани со изборите, односно за начинот за избор на членови на ДИК, носењето одлуки во оваа комисија, гласањето на дијаспората и за прочистувањето на избирачкиот список. Попладнево во Собранието треба да се одржи состанок на работна група за составот на собраниската анкетна комисија. На оваа средба учествуваат Петре Шилегов од СДСМ, Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ и белгискиот експерт Питер ван Хојте.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...