Британски тим за обука од Вториот батаљон на војводата од Ланкастер е во штипската касарна „Јане Сандански“, каде ќе работи со 30 потенцијални подофицери од Првата лесната пешадиска чета. Денеска во увид во касарната, која стана дел од НАТО системот, беа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и нејзиниот советник за НАТО, британскиот бригаден генерал, Хју Лојд Џонс.

Трансформацијата на македонската армија за членство во НАТО, практично почнува со формирањето на Првата лесна пешадиска чета во Штип, во што, како што рече генералот Џонс, помага Армијата на Обединетото Кралство.

– Обединетото Кралство со нетрпение очекува да ја поздрави Северна Македонија, како 30-та членка во семејството на НАТО. Лесната пешадиска чета ќе биде подобро опремена, подобро обучена и ќе има подобри ресурси од која било друга конвенционална единица што ја претставувала армијата на терен. Оваа способност ќе биде организирана и обучена со НАТО стандардите и ќе биде основа на воениот придонес на армијата кон НАТО, изјави генерал Џонс, кој најави натамошна помош во совети и обука во трансформацијата на макеоднската армија.

Еден дел од тимот денеска е во Штип, другиот е на терен во Криволак.

Ангажираните во Армијата, кои имаат договори за работа над три години, како што најави министерката за одбрана, месечно ќе добиваат по 7.000 денари станбен надоместок. Како што пресмета министерката, со покачувањата на платата и овој надоместок, секој војник, кој порано земал по 20.000 денари, сега ќе ддобива по 30.000 денари месечно.

-Тоа значи дека најниско платените во Армијата, ќе имаат 50 отсто зголемување на месечните примања. На овој начин ја зголемуваме мотивираноста, желбата на припадниците на Армијата тука да работат. Ги подобруваме нивните услови, но покажува дека е ова Армија подговена да биде армија на НАТО. Членоството значи повисоки стандарди, меѓутоа, членството значи и повисока професионалност и повисоко знаење – рече Шекеринска.

Во Штип ќе биде лоциран главниот НАТО ресурс, во име на Првата лесна пешадиска бригада, која ќе биде подобро опремена и професионално обучена.

– На крајот од минатата година го потпишавме првиот договор, со кој успеавме да обезбедиме оклопни возила токму за оваа група. Меѓутоа, опремата е еден дел од процесот. Најважниот дел од процесот се луѓето. Покажавме дека ни се важни со зголемување на нивните приходи, но сега овде во Штип и Криволак, покажуваме дека ни е важно нивното знаење, дополни Шекеринска.

За Министерството за одбрана е значајна помошта од британската армија, која ја смета како стратешки партнер во транзицијата кон НАТО.