Брексит предизвика економски тектонски движења на светските берзи, со голем пад на вредноста на индексите, но и на британската валута која е на најниско ниво од 1985 година.

Фунтата падна за речиси 9 отсто и чини 1,34 долари, што претставува најниско ниво во последните 31 година. Стручњаците предупредуваат дека вредноста на фунтата ќе падне и до 1,2 долари. Еврото, исто така, изгуби од својата вредност и падна за 3,2 отсто на 1,1012 долари.

Англискиот економист Џереми Кук апелира владата да преземе чекори за да ја стабилизира економијата, да ги заштити работните места, пензиите и платите.

За да го осигура пазарот, гувернерот на Народната банка на Англија, Марк Карни, најави дека за банките ќе обезбеди дополнителни 250 милијарди фунти.

– Внимателно ја разгледуваме ситуацијата. Разработуваме планови и стартегии и сме во постојана комуникација со Министерството за финансии, како и со другите банки во Велика Британија и во странство. Ќе ги преземеме сите неопходни чекори за да го спречиме монетарниот крах и да ја одржиме финансиската стабилност – се наведува во соопштението на банката.

Во еврозоната штетата е уште поголема, при што парискиот индекс КАК 40 и франкфуртскиот индекс DAX изгубија преку 10 проценти од вредноста. Јапонскиот индекс Nikei падна за седум отсто со губиток на повеќе од 1.100 бодови, што е најголем пад во еден ден од 2011 година, кога во земјата се случи нуклеарна катастрофа.

Акциите на германските „Дојче банка“ и „Комерц банка“ паднаа за преку 16 отсто.

Излегувањето на Велика Британија од ЕУ влијаеше врз пораст на вредноста на златото, чијашто цена се зголеми за 22 проценти. Ова е најбрз скок на цената на златото во однос на фунтата во историјата.

Порастот на цената на златото покажува дека на светскиот пазар владее голема паника.