„Ние во Регионалниот совет за соработка (РСС) искрено се радуваме на охрабрувањата што доаѓаат од Европската унија и очекуваме преговорите за пристапување со Северна Македонија и Албанија да бидат отворени оваа година“ – изјави Генералната секретарка на РСС, Мајлинда Брегу на средбата со министрите за надворешни работи на Западен Балкан во Њујорк.

Од друга страна, додаде Брегу, регионот треба да ја покаже својата насоченост кон европскиот пат и политичка волја за решавање на нерешените билатерални прашања кои влијаат на целиот регион и создаваат негативна слика за Западен Балкан.

Ваквиот став на РСС и на Брегу го потврдија и од Брисел. Мачеј Поповски, заменик генерален директор во Генералната дирекција ЕК за политиката на соседство и преговори за проширување и директорката за Западен Балкан при истата дирекција Џеновева Руиз Калавера, на состанокот повторија дека отворањето преговори со Северна Македонија и Албанија е во најдобар интерес на цела Европа, бидејќи без интеграција на целиот Балкан нема стабилна и сигурна Европа.

Состанокот, како што соопшти синоќа РСС, го организирале на маргините на 74-то заседание на Генералното собрание на Обединетите Нации, а на него за отворањето на преговори се заложиле сите учесници од Западен Балкан, укажувајќи дека тоа би било важно не само за тие земји туку и за регионот во целина. Се разговарало и за досегашните постигнати успеси во процесот на регионалната соработка како и за продолжувањето на дијалогот меѓу Белград и Приштина, што би довелo до нормализација на нивните односи.