Бред Пит лансираше своја линија призводи за убавина

Фото: Инстаграм профил на „Le Domaine“

Филмскиот актер Бред Пит лансираше сопствена линија на козметички производи, јавува Еј-би-си њуз.

Колекцијата, наречена „Le Domaine Skincare“ („Ле Домен“) содржи линија производи што се одликуваат како вегански, родово неутрални и дизајнирани со цел да ја забават појавата на знаци на стареење.

„Произведено од науката и природните фактори за да биде едно со природата и вашата природа. Ова е хармонија и почит, ова е „Ле Домен“, пишува под фотографиите објавени од новата компанија за производи за убавина.

Линијата ги содржи сите клучни производи, серум, крем, течен крем и тоник за чистење на лице. Сите производи се пакувани во рециклирани стаклени шишиња и тегли и капачиња направени од остатоците од вински буриња направени од дабово дрво.

Пит во интервју за модното списание „Вог“ сподели дека воопшто не планирал некогаш да влезе во светот на негата и убавината и да ма сопствена колекција производи за нега на кожа.

„Постојано ми праќаат производи и сите тие се исти за мене. Но, последнава година ние го тестиравме „Ле Домен“ и навистина се изненадив од крајните резултати, всушност тоа беше она што ме натера да продолжам и да одам до крај со процесот“, изјавил тој.

Холивудската ѕвезда претходно годинава за време на премиерата на филмот „Bullet Train“ во Берлин се појави носејќи кафено здолниште. Покрај тоа, пред неколку дена,  тој во музеј во Финска ги изложи своите скулпторски дела инспирирани од како што изјави сопствената рефлексија. Збирката дела наречени „Радикален инвентар на себе“, Пит ги претстави во склоп на поголемата изложба на британскиот скулптор Томас Хаусего, а во рамки на истата се изложени и керамички дела од американскиот музичар Ник Кејв.