Бранко Црвенковски го замрзна членството во СДСМ, Мицкоски вечерва ќе протестира пред Владата

Поранешниот претседател на СДСМ Бранко Црвенковски смета дека ставовите и тезите искажани во интервјуто на премиерот Зоран Заев за бугарската агенција БГНЕС предизвикаа и ќе предизвикуваат тешки и долгорочни последици за македонскиот народ и македонската држава. Поради тоа, Црвенковски смета дека направена е огромна и непоправлива штета и најавува дека ќе го замрзне членството во СДСМ додека партијата не се огради од ваквите ставови, се наведува во изјавата на Бранко Црвенковски испратена до медиумите.

Црвенковски ги повикува членовите на СДСМ под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО, ниту на СДСМ во целина.

„Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ. До одржувањето на таква седница на ЦО, јас, Бранко Црвенковски, основач и долгогодишен претседател на СДСМ го замрзнувам моето членство во Социјалдемократскиот сојуз на Македонија“, вели Црвенковски.

Од друга страна, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска повика на натпартиски предупредувачки протест за одбрана на црвените линии кои се последен бедем на македонскиот идентитет. Протестот со автомобили вечерва ќе почне од 18 часот од пред СЦ „Борис Трајковски“, а ќе заврши пред Влада.

„Македонија е за пријателство, но пријателството значи взаемно почитување. Ако нема почитување, нема да се разбереме. Да не бидеме неми, да бидеме гласни пред да биде предоцна“, изјави Мицкоски, а за односите меѓу Македонија и Бугарија денеска жестоки реакции испратија и Антонијо Милошоски и Владо Мисајловски од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, и политичката партија Левица излезе со соопштение, во кое наведува дека ќе ги поддржи вечерашните антивладини протести на ВМРО-ДПМНЕ.

По вчерашното интервју за бугарската новинска агенција БГНЕС, македонскиот премиер Зоран Заев денеска даде образложение за неговите позиции за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија.