Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“, е добитник на наградата за специјално достигнување, која завчеравечер беше доделена од страна на Британското здружение на кинематографери (BSC). Наградата во Лондон ја прими директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски, на церемонијата на доделување на годишните награди на Британското здружение на кинематографери, која традиционално се одржува на почетокот на февруари во Лондон.

„Филмскиот фестивал „Браќа Манаки“ е најстариот фестивал посветен на занаетот на кинематографијата во светот. Основан во 1979 година, фестивалот беше основан од двајца пионери на кинематографијата, Јанаки и Милтон Манаки. Со осамостојувањето на Македонија во 1991 година, фестивалот беше трансформиран во Меѓународен филмски фестивал, ја слави светската кинематографија и поддржува нови таленти и пред и зад камерата“, стои во објавата на Фејсбук профилот на Британското здружение на кинематографери.

Британското здружение на кинематографери, кое по американското е најстаро и најбројно национално здружение на кинематографери во светот, ја доделува оваа награда како признание за поединци или групи на поединци што посветено ја слават кинематографијата и придонесуваат за нејзината афирмација.

Во нивното образложение се истакнува дека фестивалот „Браќа Манаки“ не само што ја негува оваа уметничка форма, туку и претставува платформа за нови генерации на кинематографери, кои со својата визија ја обликуваат иднината на светската кинематографија.

„Битола е нашата вечна инспирација, градот каде што светлината и сенките танцуваат во хармонија создавајќи приказни што го надминуваат времето. Лондон, пак, е местото каде што нашите предци ја пронајдоа алатката за оваа магија – нивната камера „Биоскоп“ со сериски број 300. Денес со ова признание се затвора кругот меѓу двата града поврзани преку љубовта кон филмот и уметноста на кинематографијата, вели директорот на фестивалот, Симеон Мони Дамевски.

Претходни добитници на наградата за посебно достигнување се легендарниот кинематографер Јост Вакано, еден од најзаслужните што кинематограферите денес имаат статус на автори, британската Национална школа за филм и телевизија и Меѓународната федерација на кинематографери ИМАГО. На истата церемонија Наградата за животни дело ја доби кинематограферот Дик Поуп, познат по долгогодишната соработка со режисерот Мајк Ли, а Наградата за најдобра кинематограферска работа во долгометражен филм ја доби Лол кроли за филмот „Бруталист“, еден од најнаградуваните филмови во овогодишната сезона на награди. Признанието што го доби ИФФКК „Браќа Манаки“ доаѓа како потврда дека филмската уметност е жива, дека моќта на еден кадар е безвременска и дека тие што напоrно работат не остануваат незабележани и се почитуваат како најголеми пријатели.