Длабоко во пазувите на Шар планина, на околу еден час возење по тесен кривулест асфалтен пат од центарот на Тетово, сместено е селото Бозовце. Но, иако оддалечени едвај дваесетина километри од градот, жителите на ова типично планинско село се чувствуваат како отсечени од нормалниот живот на урбаниот дел на тетовската општина.

Во селото нема работа, многу луѓе се иселија и сè уште се иселуваат бидејќи е тешко да се живее во Бозовце, а да се работи во Тетово, посебно зиме. Патот на некои места е во лоша состојба, понекогаш не се расчистува, а и скап е превозот, велат селаните.

Освен нерасчистените патишта, голем проблем за ова село, но и за соседните – Вешала и Бродец е што не се поврзани со системот за собирање на смет на Општина Тетово. Секое од селата има по 3 – 4 локации каде се фрла отпадот од домаќинствата, кој потоа скапува во доловите и се разнесува од ветерот и дождовите создавајќи грди слики среде идиличното природно опкружување.

Од некогашните 160 куќи и повеќе од 900 жители според последниот направен попис во 2002 година, сега, велат, постојано се живее во едвај 40 домови. Повеќето се иселени во Тетово, но ги има и во странство, посебно помладите, кои потоа не се враќаат назад во родниот крај.

Шахин Фазлија
Шахин Фазлија неодамна се иселил од селото

„Многу го сакам моето село и Шар планина, но и јас есенва си заминав од Бозовце со семејството, откако видов дека Општина Тетово нема намера да исполни ниту едно од ветувањата за Бозовце, а вака тука тешко се живее“, вели Шахин Фазлија, планинарски водич, вљубеник во планината и доскорешен жител на селото.

Од оние што останаа, селското училиште годинава собра едвај педесетина деца. Пред капијата на училитето нашата екипа околу пладне се сретна со неколку наставници кои, откако завршија со предавањата, заминуваат кон Тетово со комбе. Тие секојдневно патуваат на релација Тетово – Бозовце и назад, за да ја одржат наставата.

Сали Асани
Сали Асани е учител по хемија во локалното основно училиште

„Не толку одамна нашето училиште имаше 250 деца, сега се по околу пет деца во клас“, вели Сали Асани, наставник по хемија, физика и германски јазик.

Селската амбуланта на влезот во селото, изградена со пари од иселените Бозовјани, стои празна. Селаните велат дека до пред пет години имале лекар по општа пракса, но и тој си заминал за Тетово, па сега за најобична настинка мораат да патуваат до град, што е мачно и чини пари.

Селската продавница е мала и во неа ги има најосновните артикли потребни за домаќинствата. За се друго – патот под нозе и в град.

Муса Зибери
Муса Зибери е сопственикот на селската продавница

„Мене ми е убаво тука и јас не би се селел бидејќи имам работа, но ги разбирам младите што заминуваат, па и моите деца се иселија од тука“ вели локалниот бакалџија Муса Зибери.

Во селското кафуле напладне има доста посетители. Се пие вкусно макијато и еспресо, кои чинат по 10 денари. Животот во селото е ефтин, но егзистенција се потешко се обезбедува.

Развивање на туризмот е една од можностите за ова село со прекрасна местоположба, лоцирано во близина на неколку места со ретка природна убавина – Долна Лешница, изворите на Пена, Кривошијскиот водопад, Караниколички езера.

„Не посетувале странски групи на туристи и планинари на кои мојот крај многу им се допадна, но знам со какви очи гледаат на депониите со отпад наоколу. Општината мора прво да го реши проблемот со собирањето на сметот ако сакаме туристи во овој крај“, вели Фазлија.

Дотогаш, во Бозовце ќе останат само најупорните и ќе го посетуваат само оние кои се на поминување.