Божидар Доневски со говорот „Земјата плаче“ е победник на Ораторската вечер на УГД

фото: Принтскрин од видео на Фејсбук / Универзитет „Гоце Делчев“ - Штип

Студентот Божидар Доневски од Правниот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип е победник на единаесеттата Ораторска вечер што ја организираше Правниот факултет на овој универзитет.

Стручното жири за победник во четвртокот го прогласи Доневски за неговиот говор „Земјата плаче“, во кој тој зборуваше за поврзаноста на човекот и природата преку сцена од сон каде говорникот е во улога на индијански поглавица и упати пораки за чување на планетата Земја. Доневски, инаку, е студент во четврта година на отсекот медиумски студии и односи со јавност.

„Планетата Земја е наш единствен дом. Затоа треба заеднички да сториме најмногу што можеме за овој свет. Озонската обвивка има заштитна улога за животот на Земјата, но корисниот слој делумно може да биде уништен од хемикалии и да создаде озонска дупка. Најтешка и најболна е повредата на природата од страна на човекот. Денес Земјата плаче. Слушнете го крикот на планетата Земја“, го започна својот говор Доневски, во кој понатаму порача:

„Ако ја навредите Земјата, го навредувате Бог. Ако продолжите да го валкате сопствениот кревет, една вечер ќе се задушите во сопственото ѓубре. Може само да блеснете во својата сопствена пропаст. Судбината е мистерија и не знаеме кога мистериозните шуми ќе ’смрдат‘ од луѓе. Сите ќе се прашуваат ’Каде се дивините?‘ – Ги нема. ’Каде е оревот?‘ – И тој си замина. Тоа ќе биде крај на животот и почеток на борба за опстанок“.

За најдобар оратор помеѓу средношколците што настапија на Ораторската вечер на УГД е прогласена Даница Лефкова за говорот „Народе, ќе нѐ биде ли?“.

За победничка од публиката, пак, беше прогласена Ивона Тодорова од средното училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани за нејзиниот говор насловен „Солзите на мајките“.

„Покрај убавината на говорењето, од овие говорници се испраќаат и важни пораки. Вие вечерва го слушнавте гневот на младите од општеството, меѓутоа слушнавте и пораки за зачувување на животната средина, слушнавте лични инспиративни приказни каде лично се засегнати младите оратори. Јас се надевам дека барем за момент, сите ние возрасните ќе се замислиме какво општество им сервираме на овие млади луѓе во коешто тие мора да живеат. Мора да го менуваат, но мора и да живеат. Сите можеме да го менуваме“, истакна Кристијан Панев, дел од организацискиот тим на Ораторската вечер.

Покрај плакетите за победниците, сите учесници добија и парична награда во износ од 12.000 денари, додека победникот од публиката доби награда од Фондацијата за развој на локалната заедница.

Инспиративниот и фасцинантно изведениот победнички говор на Доневски започнува во 44 минута и 40 секунда од видеото подолу, каде може да ги погледнете и слушнете сите оратори што настапија на Ораторската вечер на УГД.