На крајот на минатата недела, студентите во блокада ја информираа јавноста преку социјалните мрежи дека забележале голем пораст на лажни следбеници на профилите што ги администрираат. Тие изразија сомнеж дека целта на ова дејствие е гасење на нивните Инстраграм налози. Сомнежите се покажа дека точни, дека станува збор за операција од големи размери, каква досега немало, но дека со брза и соодветна реакција намерата е спречена и штетата избегната, пишува српска ТВ Н1. Сличен ваков напад, речиси во исто време, беше активиран и против македонскиот медиум Слободен печат и нивниот Инстаграм налог, кој од тогаш е заклучен.
Студентите во блокада во Србија најпрво забележале дека нагло се зголемува бројот на следбеници на Инстаграм профилот „Студенти у блокади“, а паралелно со тоа се случувале напади врз профилите на поединечни факултети.
„Ова очигледно претставува еден од бедните обиди за контрола на населението и спречување ширење слободна мисла која повикува на бунт против трулиот режим“, беше наведено на профилот „Полјопривредни блокада“.
На ТикТок, откако алгоритмот забележа вештачко зголемување на бројот на следбеници, беа згаснати некои студентски профили.
Студентот на Факултетот за технички науки (ФТН), Балша Булатовиќ, за Н1 вели дека биле идентификувани два вида напади со иста цел, профилите на студентите да бидат згаснати.
Првиот е оној во кој нагло се зголемува бројот на лажни следбеници од други држави, а вториот подразбира масовна а несоодветна содржина во коментарите и бара автоматска реакција на вештачката интелигенција на компанијата Мета, која го заклучува профилот додека не се спроведе анализа, објаснува тој.
Штом забележа дека нешто се случува со профилите, здружението „ИТ блокада“ реагираше со соопштение, порачувајќи дека на студентите им е потребна итна помош и оценувајќи дека станува збор за координиран напад за бришење на клучните канали за информирање.
Но, студентите успеале брзо да се одбранат и да го одблокираат својот профил.
Ako ste mislili da sa svojim polupismenim kadrom i botovima možete da nadmudrite alumni klub najvećeg fakuleta u ovom delu Evrope…
Iz naših učionica izašlo je hiljade i hiljade inženjera koji rade u najvećim svetskim kompanijama, uključujući i Metu.
Više sreće drugi put! 😘— FTN SE BUDI (@ftn_se_budi) November 17, 2025
„Ако мислевте дека со вашиот полуписмен кадар и ботови можете да ги надмудрите членовите на алумни клубот на најголемиот факултет во овој дел од Европа… Од нашите училници излегоа илјадници инженери кои работат во најголемите светски компании, вклучувајќи ја и Мета“, наведоа на профилот на Факултетот за технички научи, „ФТН се буди“ .
И другите студентски групи ја повратиле контролата врз своите профили, а кој конкретно ги нападнал засега не е познато.
„Досега тоа беа напади вршени преку институции или одредени државни организации. Ова е еден вид нов напад, според мое мислење, еден од ‘покреативните напади’ каде целта е гасење на студентскиот глас“, вели Балша Булатовиќ.
Тој додава дека Инстаграм е најголемото средство за комуникација со луѓето и дека доколку би дошло до гасење на профилите со најголем број следбеници, „автоматски се скратува контактот на студентите со остатокот од светот“.
Професорот Ѓорѓе Кривокапиќ, основач на Шер фондацијата, за ТВ Н1 вели дека реакцијата на нападите врз профилите беше колективна со што сите згаснати профили се успешно вратени. Нападите, вели тој, не би ги нарекол хакирање, туку злоупотреба на механизмите во онлајн-средината, односно манипулативен напад.
„Ги имавме сите индикатори дека целата комуникациска инфраструктура на студентското движење била под ризик да биде неутрализирана со одредена врста манипулативен напад чиишто аспекти ги анализираме“, истакнува тој.
Тој додава дека ако дојде до тоа студентските профили да бидат „неутрализирани“, одговорноста треба да се бара првенствено кај платформите.
„Меѓутоа, медиумите и граѓанското општество имаат должност да ја информираат јавноста и платформите за ова прашање и на тој начин да ја подигнат внимателноста на јавноста и на платформите за ваквите злоупотреби на механизмите во онлајн-средините да бидат стопирани“, истакнува.
Тој наведува дека сличен напад, во овој обем и на овој начин, досега не бил забележан.
„Не е реткост поединечни профили или содржини да бидат мета на пријавување од страна на ‘информациски војници’ кои се во функција на приватни или јавни актери. Тоа е најчест проблем на независни активисти и новинари, како и на помали редакции кога објавуваат содржина која ги загрозува моќниците. Меѓутоа, сега гледаме дека сето тоа е подигнато на повисоко ниво, гледаме стотици илјади нови следбеници од источните пазари. Немаме верификувани информации што се случува, но јасно е дека станува збор за операција од голем обем која бара значителни ресурси и организациски капацитети“, објаснува тој.
Сето тоа покажува, вели тој, дека постоела висока мотивација и намера кај оној што стои зад нападот.
„Но, во моментов не може да се утврди дали зад нападот стои режимот, неговите приватни сателити, надворешни актери кои тежнеат кон дестабилизација на Србија или регионот, или пак некои други актери со друга агенда“, оценува.
Мета, додава тој, ја препознала злоупотребата навреме и реагирала.
Откако почнаа студентските блокади во Србија по падот на настрешницата на железничката станица во Нови Сад, социјалните мрежи станаа најголемо студентско гласило. Нивниот глас не можеше да се слушне на телевизиите со национална фреквенција, вклучувајќи го и јавниот сервис. Токму тој канал на комуникација фрли сенка врз традиционалното известување, а нивните профили на мрежите станаа нивниот начин да допрат до пошироката јавност.
По повод нападот врз нивниот профил, студентите на Електротехничкиот факултет (ЕТФ) во блокада соопштија дека „може да се цензурира само она што се вклопува во цензорската фантазија“.
„Направете нешто навистина оригинално и цензорите ќе ги испуштат ножиците од рака“, додадоа тие.
Во првата недела од ноември, започна сличен напад на еден од најчитаните и најследени македонски медиуми, Слободен Печат. Нападот вклучуваше стотици коментари со иста содржина, што предизвика алгоритмот на Инстаграм да направи т.н. „шадоу бен“ на профилот. Покрај коментарите, ботовите оставаа и исклучително голем број лајкови на содржините на Слободен Печат од најразлични локации. Во обид да се заштитат од нападот, колегите од медиумот го заклучија својот профил. Мета.мк објави опширен напис за нападот, кој кога беше објавен на Инстаграм, исто така беше нападнат од ботови.
