Ботаничката градина на ПМФ е место каде ќе може да се видат најретките ендемични растенија од земјава

Фото: Mета.мк

Тропски растенија, кактуси, палми, азиски дрвенести растенија и грмушки, некои стари и по седум децении се цел од Ботаничката градина која постои во рамките на Природно математичкиот факултет. На површина од над пет хектари се одгледуваат повеќе од 500 растенија и околу 300 дрвја и грмушки, од целиот свет, како и многу ендемични и ретки, карактеристични само за нашето поднебје.

Фото: Мета.мк

Деновиве, ботаничката градина одбележува јубилеј од седум децении работа. Плановите се градината, покрај едукативниот карактер, да го развива и туристичкиот потенцијал. Ја посетуваат ученици и студенти, кои работат на едукативни работилници и проекти, а убаво, со зголемување, средување и оградување на просторот, би било да стане и туристичка атракција.

„Го враќаме сјајот на ботаничката градина, онака како што изгледала пред неколку децении. Имаме големи планови за следните неколку години, целта ни е сите наши посетители да видат растенија кои не можат да ги сретнат на ова поднебје. Заради тоа, освен автохтоните одгледуваме и алохтони растенија“, вели Рената Ќуштеревска, раководител на Институтот за биологија.

Фото: Мета

Она што во последно време е дел од активностите на градината во соработка со Македонското еколошко друштво е и одгледувањето на ретки и ендемични растенија, кои се карактеристични за нашето поднебје, кое се наоѓа на преминот од медитеранската во континеталната клима. Тоа е проектот „Зачувување на ендемичните растенија во Македонија“ преку кој се врши интензивен мониторинг на пет ендемични растенија, меѓу кои и питом костен, козинец, планинско ѕвонче и други. Целта на проектот е да се документира движењето на популацијата и дали се наоѓа под закана.

„МЕД работи на проекти за заштита на растенијата во кои ботаничката градина како институција игра многу голема улога. Оваа институција мора да продолжи да се развива во насока на заштита на македонската флора и запознавање на целата јавност со нашето растително богатство. Тука ни се вклопуваат намерите и активностите на кои сме посветени и ние во МЕД. Заради тоа сакаме да ја промовираме градината, да се вложува во неа и да го добие заслуженото значење како лендмарк на Скопје“, вели Наталија Меловска, биолог од МЕД.