Ботаничката градина чува над 150 автохтони растенија, некои се толку ретки што ги има само на едно место

Фото: Mета.мк

Емова мајчина душичка, скопска мајчина душичка, кошанинова љубичица, галичички каранфил, галичички различник, цвијиќиева качунка, галичичка чувар-куќа, росичка, српска рамонда….. Ова се само дел од ретките и автохтони растенија кои можат да се видат во Ботаничката градина на Природно- математичкиот факултет во Скопје. Многу од нив ги има само на едно место во државата, а некои, покрај тоа што се ретки, се и загрозени.

Лоцирана веднаш до Парк-шумата Гази Баба, Ботаничката градина, која неодамна одбележа седум децении од постоењето, од една страна дава чувство на идеално вклопување во природниот амбиент на македонската флора, а од друга страна нуди можност да се видат и доживеат и над 1.000 растенија, грмушки и дрвја од целиот свет.

Земјава располага со многу богат фитодиверзитет, кој заслужува соодветно да се штити и негува, вели биологот-еколог Цветанка Цветковска, заради што едукацијата и зајакнувањето на свеста кај луѓето за автохтоните растенија, е една од најважните функции на Ботаничката градина.

За таа цел, изграден е нов објект за ретки и ендемични растенија кој во моментов го красат околу 150 растенија од македонската флора, бројка што ќе се зголемува со постојано пополнување на полињата. Тој ќе врши две многу значајни функции, ex-situ заштита на загрозените растенија од македонската флора, како и зајакнување на свеста кај посетителите за нивното постоење.

„Објектот за аклиматизација на ретки и ендемични растенија беше ставен во функција минатата година и беа уредени полиња со растенија од Галичица, Јабланица и Козјак. Тука има растенија кои се исклучително ретки, се среќаваат на еден локалитет и поради тоа и се потенцијално загрозени, односно доволен е само еден загрозувачки настан кој би можел да предизвика нивно исчезнување“, вели биологот Цветанка Цветкоска.

И Македонското еколошко друштво спроведува посебна програма за заштита на растенија и екосистеми, во која во моментов се реализира проект за заштита на пет ендемични растенија во Македонија. Се работи за питом костен (Aesculus hippocastanum) од Јабланица, дебарско шумско ѕвонче (Campanula debarensis), ендемит што го има по Дреночка клисура, јабланичкиот шафран (Crocus jablanicensis), меурест козинец (Astragalus physocalyx), растение што во земјава вирее само во околината на Богданци и Centaurea rufidula, повторно ретко растение што вирее само во околината на Стојаково и Богданци.

Овие пет ендемити, вели Наталија Меловска биолог од МЕД, се предмет на континуиран мониторинг, со цел да се утврди колкава е нивната популација и да се процени дали се во опасност од некоја закана, а во проектот вклучена е и Ботаничката градина.

„По една единка од трите ендемични растенија беа колекционирани од природа и пренесени во градината и засадени на почвен материјал собран од местото каде виреат овие растенија во природа. Собран е и семенски материјал од меуреститот козинец со цел да се види каква би била неговата успешност доколку се засади во ботаничката градина. Ова е со цел посетителите на ботаничката градина да ги видат во живо македонските ендемични растенија“, вели Меловска.

Редовниот мониторинг на растенијата, особено оние ретките, е особено значаен кон нивната заштита, а Меловска вели дека секој граѓанин може да донесе значајни информации за флората преку вклучување во т.н. „citizen science“.

„Информацијата добиена од секого што може да го препознае растението е подобра од немање информација. Македонија е слаба со ботаничари, луѓе чија специјалност е истражување на флората. Во светот е доста актуелна оваа тема на вклучување на граѓаните во т.н. лаички мониторинг на некои клучни видови и некаде навистина функционира добро и е корисно за науката. Не треба некој да е професионален ботаничар за да, на пример, изброи колку единки од некое ретко растение сретнал додека одел по својата омилена патека во природа. Секој може да го направи тоа и да го пренесе до оние кои можат да го обработат професионално“, посочува Меловска.

Улогата на една ботаничка градина, меѓу другото, е да ги запознае посетителите и со растенијата од различни делови во светот. Токму поради тоа, Ботаничката градина има и повеќе од 400 различни дрвја и грмушки од кои повеќето се алохтони, односно не растат природно кај нас, а во стаклениците има над 500 растенија кои припаѓаат на тропската, субтропската и пустинската растителност.

„Во моментот, Ботаничката градина располага со два стакленика, објект за аклиматизација на ретки и ендемични растенија, летна училница, објект за лековити и ароматични растенија, а во тек е изградба на три нови затворени пластеници, наменети за урбана градина. Во блиска иднина во план е да се направи и изложбен простор каде би се реализирале различни тематски активности“, посочува Цветкоска.

Ботаничката градина е вклучена и во едукацијата на ученици од основно и средно образование. Во 2019 година од март до октомври ја посетиле околу 1.500 ученици ширум Македонија, а пандемијата, за жал, засега ја стави оваа активност во мирување. Македонија има извонредно ботаничко богатство од околу 3.700 различни растенија, а младите во ботаничката градина можат да запознаат многу од тие растенија преку различни работилници, изработка на хербариуми, прошетки во природа, микроскопирање, учење на процесот на изработка на предлог планови за заштита на некои растенија и живеалишта слично.

„Сметаме дека е од голема важност младите да имаат соодветни информации за нашето растително богатство за да можат да го чуваат и почитуваат. Максимално ќе се фокусираме објектот за аклиматизација на ретки и ендемични растенија да го исполниме со различни растенија од различни краеви на нашата земја. С. Македонија е богата со растителен диверзитет и тука на мала територија се развиваат голем број на ретки и ендемични растенија“, вели Цветкоска.