Борјан Ефтимов: И младите треба сериозно да ја сфатат опасноста и препораките

Изминатиот викенд, откако со мерките на Владата се затворија кафулињата, група млади ја пренесоа дружбата на Водно. Полицијата ги растера, а министерот Спасовски апелираше родителите да се однесуваат одговорно.

Борјан Ефтимов, претседателот на Универзитетското-студентско собрание на УКИМ, апелира младите дисциплинирано и крајно сериозно да ги следат насоките од Министерството за здравство, бидејќи и најмалите отстапувања можат да придонесат за неконтролирано ширење на вирусот и катастрофални последици за општеството.

„Ова е предизвик кој заедно можеме и мораме да го надминеме за да изградиме подобро утре. Кризата со која се соочуваме и начинот на кој ќе ја надминеме ќе ги дефинира годините кои следуваат, ќе ја дефинира нашата младост и нашата иднина. Мораме максимално сериозно да ја сфатиме опасноста која надоаѓа ако сакаме да ѝ се спротивставиме“, изјави тој.

Според него, клучно во овие моменти е луѓето да водат лична хигиена, да се грижат за најблиските и да не купуваат децениски залихи од маркетите.