Решивме четири историски личности кои заеднички ги чествуваме, верувам дека ќе се најде решение и за херојот Гоце Делчев, тој е личност и херој кој нѐ поврзува, рече денеска премиерот Зоран Заев на прес-конференцијата со бугарскиот премиер Бојко Борисов по повод две години од потпишување на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија.

Тој додаде дека делата на Делчев може само да нѐ поврзуваат и во чест на тоа денеска заедно со Борисов ќе се поклонат на неговиот гроб.

Одговарајќи на едно од новинарските прашања во однос на можноста Бугарија да го блокира датумот за почеток на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Борисов посочи дека не сака ниту да помисли на такво нешто. 

– Не би сакал да мислам дека е можно да се дојде до такво прашање, по сите напори што ги направивме, да дојде ситуација да кренам рака против Република Северна Македонија е недопустливо – додаде Борисов.

Премиерот на Бугарија смета дека заедничките комисии до октомври мора да постигнат компромис.

– Кога во папка ќе го добиеме договорот од комисиите, тогаш Бугарија ќе реши што да прави. Комисиите до октомври мора да постигнат компромис. Тие имаат историска задача да ја завршат темата до октомври. Можам да бидам обвинет дека сум ја предал историјата на Бугарија. По секоја цена комисиите треба да најдат прифатливо решение важно за перспективата на државата – рече Борисов.

Во одговор на друго новинарско прашање тој додаде дека внимателно ги следи медиумите и препознава „надворешни сили кои работат против Бугарија“ но и злоба, па оттука праша со што Бугарија ѝ напакостила на земјава, додавајќи дека нивен интерес е да ја видат Северна Македонија во НАТО.

Бугарскиот премиер се извини за изјавата во Сараево кога го употреби терминот северномакедонски народ.

– Згрешив со тоа реков северномакедонски народ, наместо граѓани на Северна Македонија. Извинете, рече Борисов.

На крајот, Борисов рече оти тој го смета Гоце Делчев за Бугарин кој се борел за слободата на Македонија. „Понатаму, рече Борисов обраќајќи им се на новинарите, за да нема напади врз политичарите, за сите прашања за Делчев, востанието, ВМРО обратете се кај професорот Ангел Димитров“, кој е дел од бугарската делегација.