Борис Џонсон се прости од Парламентот со репликата: „Хаста ла виста, бејби!“

Од посетата на Борис Џонсон на Украина и претседателот Владимир Зеленски, на почетокот на февруари годинава | Фото: president.gov.ua

Британскиот премиер Борис Џонсон го одржа својот последен говор во парламентот. Тој доби аплауз од членовите на неговата партија и потсмев од противниците додека ја кажуваше последната реплика позајмена од Арнолд Шварценегер во филмот „Терминатор 2: Судниот ден“ од 1991 година – „Хаста ла виста, бејби“, објави Ројтерс.

За време на получасовната неделна дебата „Прашања до премиерот“, во која британскиот премиер одговара на прашања и води жестока дебата со опозицијата, Џонсон се обиде да го претстави своето наследство како успех во борбата против пандемијата на ковид-19 и поддршката за Украина во одбрана од руската инвазија.

Во последните зборови, Борис Џонсон му даде и совет на својот наследник или наследничка.

„Останете цврсто со САД, поддржете ја Украина, намалете ги даноците, не дозволувајте Министерството за финансии да спречува амбициозни проекти и да се грижи за гласачкото тело. И пред сѐ, запомнете дека не е важен Твитер, туку луѓето кои гласаат за нас да бидеме тука“, рече Џонсон.

Пред само две недели, некои од оние кои гласно аплаудираа, поднесоа оставка од кабинетот на Џонсон, критикувајќи го неговото раководство и барајќи тој да се повлече. Новинарите кои известуваа од парламентот рекоа дека претходничката на Џонсон, Тереза ​​Меј, не станала и не аплаудирала.

На аплаузот не им се придружија и претставниците на опозицијата кои го искористија актуелниот премиер повикувајќи го на одговорност за политиките што ги спроведувал, од сè уште незавршениот Брегзит до неговиот одговор на зголемените трошоци за живот.

Имајќи ги предвид изборите во Велика Британија во 2024 година, лидерот на опозициските лабуристи Кир Стармер се обиде да ја нагласи поделбата во Конзервативната партија со набројување на критиките упатени кон премиерот Џонсон од неговите наследници.

„Одлучи да слезе од својата кула од слонова коска за последен пат за да ни каже дека сѐ е одлично. Ќе ми недостасуваат неговите измами“, рече Стармер.

Џонсон ја објави својата оставка претходно овој месец по масовниот бунт против последниот во низата скандали за кои неговата партија одлучи дека ја поткопа неговата способност повеќе да ја води земјата по три турбулентни години на чело.