Жозеп Борел | Фото: Викимедија Комонс

Во блог-пост на неговиот официјален блог, Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и заменик-претседател на Европската Комисија, Жозеп Борел, пишува дека Русија со својата политика и однесување воопшто не покажале интерес за почитување на демократските вредности. Образлагајќи ги случувањата и мотивите за неговата посета на Москва, Борел смета дека Кремљ воопшто не се залага за обврските за почитување на демократските вредности на кои е обврзан со членството во меѓународни организации. Однесувањето на Русија за случајот „Навални“ за Борел е уште еден пример дека не се почитуваат демократските вредности.

„Штотуку се вратив од многу комплицирана посета на Москва, во рамките на којашто се зафатив со дискусија за нарушената природа на односите ЕУ-Русија. Тие беа на ниско ниво години наназад и дополнително се влошија со неодамнешниот развој, поврзано со труењето, апсењето и пресудата за Алексеј Навални, како и масовните апсења на илјадници демонстранти. Целта на оваа мисија беше директно да се изрази строгата осуда од ЕУ за овие настани и да се посочи, преку принципиелна демократија, процесот на брзо влошување на нашиот однос кон Русија, како и да помогнеме да се подготви претстоечката дискусија на Европскиот Совет за односите на ЕУ и Русија.

Агресивно поставената прес-конференција и изгонувањето на тројца дипломати на ЕУ во текот на мојата посета посочуваат дека руските власти не сакаа да ја искористат оваа прилика да имаат многу поконструктивен дијалог со ЕУ. Иако не целосно неочекувано, сето ова е непожелно, би се осмелил да кажам, од руска стратегиска перспектива. Како ЕУ, мора да се посветиме на последиците, да се посветиме целосно на правецот во којшто сакаме да се насочат нашите односи со Русија и да продолжиме решително со заеднички пристап“, пишува Борел.

Тој потоа посочува на меѓународно превземените обврски од страна на Русија и на нивното непочитување, за што, како што вели, му укажал и на рускиот министер за надворешни работи.

„Прашањата за човековите права и основните слободи, а посебно во случајот на Алексеј Навални беа во голем мера во центарот на мојата посета и мојата комуникација со министерот за надворешни работи Лавров. Во некои мигови, дискусијата со мојот руски колега достигна високо ниво на тензија, кога повикав за итно и безусловно ослободување на Навални, како и за целосна и непристрасна истрага за атентатот врз него. Го потсетив министерот Лавров за обврските на Русија во полето на човековите права што произлегуваат од меѓународните обврски што ги презела (на пример, Европската конвенција за човековите права на Советот на Европа) и затоа не смее да се отфрлат како вмешување во внатрешните работи. Овие работи ги повторив на брифингот за медиумите.

Исто така, се сретнав со претставници на граѓанското општество, тинк-тенкови и претставници на европската бизнис заедница. И покрај огромните предизвици и намалувањето на просторот, граѓанското општество продолжува да игра витална улога во промвирањето на почитта кон демократијата, основните сободи и човековите права. Оддавам почит на нивната работа и на она што го претставуваат. Мојот тим имаше контакт со блиските соработници на Навални за да дадеме значење на нашата поддршка. Дополнително ја искажав поддршката на ЕУ за човековите права и слободи оддавајќи почит на Борис Немцов, водечки опозиционер, на мостот каде што беше убиен пред шест години“, нагласува Борел во текстот.

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика вели дека мисијата во Москва ја почнал со цел да се пренесат позициите на ЕУ и да се изразат загриженостите, но и да испита дали во некои области интересите на двете страни се совпаѓаат и може да се направи обид за соработка и да се изгради одредена доверба. Сепак, двете страни се оддалечуваат, констатира Борел.

„За жал, на крајот на нашата средба сфативме, преку социјалните медиумите, за изгонувањето на тројцата ЕУ дипломати врз неосновани обвинувања што не се усогласени со нивниот статус како странски дипломати, поради учество во демонстрациите. Побарав министерот Лавров да ја отповика оваа одлука, но без успех.

Се вратив во Брисел со длабока загриженост за перспективите на развојот на руското општество и на руските геостратешки избори. Мојата средба со министерот Лавров и пораките испратени од руските власти во текот на оваа посета потврди дека Европа и Русија се оддалечуваат. Изгеда дека Русија забрзано се оддалечува од Европа и гледа на демократските вредности како егзистенцијална закана“, контастира Борел.