Борел: ЕУ ќе разговара со Талбанците за да се спречи „миграциска криза“

Жозеп Борел | Фото: Викимедија Комонс

ЕУ ќе се вклучи во дијалог со Талибанците во Авганистан за да се спречи „хуманитарна и потенцијално миграциска криза“, порача еврокомесарот Жозеп Борел вчеравечер по итната видеоконференција на 27-те министри за надворешни работи од земјите членки. Борел рече дека фокусот на дијалогот ќе биде да се спречи Авганистан да стане „гнездо на странски терористи“.

„Ние мора да контактираме со властите во Кабул, кои да се тие. Талибанците ја добија војната, така што ќе треба да разговараме со нив“, рече Борел, додавајќи дека тоа не значи дека ЕУ ќе го признае Талибанците, кои го презедоа главниот град на Авганистан, Кабул, во неделата.

„Само велам дека мора да разговараме со нив за сѐ, па и да се обидеме да ги заштитиме жените и девојчињата. И само поради тоа, би требало да контакираме со нив. Би требало да зборуваме со нив за да почнеме дијалог веднаш штом ќе биде потребно, за да спречиме хуманитарна и потенцијално миграциска криза“, рече Борел.

Во официјалната изјава тој нагласи дека соработката со идната влада на Авганистан ќе зависи од „мирољубиво и сеопфатно решавање и почит на основните права на сите Авганистанци, вклучително жените, младите и припадниците на малцинствата“. Тој нагласи и дека која било идна влада во Кабул ќе мора да се бори против корупцијата и да спречува авганистанста територија да биде користена од терористички организации.

Приоритет на ЕУ останува евакуацијата на своите граѓани и на околу 400 Авганистанци, вклучувајќи ги тука и нивните семејства, кои работеле за ЕУ во изминатите две децении.