Борбата со климатските промени бара зелени инвестиции во целата економија

Фото: Ralf Vetterle на Pixabay

Новата национална цел за намалување на емисиите на стакленички гасови е реална и достижна, а може да се постигне со усогласени мерки и зелени акции во целата економија, иако главните сектори остануваат енергетиката, земјоделието и транспортот. Искажувањето подготвеност за преземање повисока цел во борбата со климатските промени и конретните мерки и политики на државата, беа темата на првиот од трите настани под мотото „ВозможноЕ“ – Реални дикусии за реални решенија за амбициозни климатски акции, кој се организира од Министерството за животна средина и УНДП, по повод 22 Април, денот на планетата Земја.

Владата неодамна го усвои Ревидираниот национален придонес кон Договорот од Париз за клима, предложен од Министерството за животна средина, со кој како национална цел ја постави амбицијата во 2030 година да се постигне 51 отсто, или 82 отсто во нето износ, намалување на емисиите на стакленички гасови во однос на емисиите од 1990 година.

На настанот, министрите за животна средина и за финансии, Насер Нуредини и Фатмир Бесими, постојаната претставничка на УНДП, Нарине Сахакјан, Теодора Обрадовиќ- Грнчаровска од Министерството за животна средина, проф. Наташа Марковска и Александар Дединец од МАНУ и професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна, одговараа на прашања од медиумите и невладините организации врзани со ревидираната цел и климатските промени.

Земјава, смета министерот за животна средина Насер Нуредини, е доволно амбициозна за да може да го реалзира новиот предизвик. Тој посочува дека заложбите за зелен раст, кои беа утврдени преку повеќе стратешки документи донесени во минатиот период и остварувањето на климатските цели целосно се поклопуваат.

„Сите треба да сме свесни дека за да станеме член на ЕУ, ќе ни требаат услогласени политики и закони. Зелениот договор е нашата дестинација, а Зелената агенда за Западен Балкан е патот како да дојдеме до таму. Не работевме само на поставување цел, туку и на конкретни акции, како, на пример, воведување обновливи извори на енергија, енергетска ефикасност или промена на навиките на потрошувачите. Соработуваме со повеќе сектори, како министерствата за економија, транспорт и врски и за финансии, а работиме на тоа да му помогнеме на приватниот сектор и на локалните самоуправи како да ги напуштат фосилните горива и да дојдат до почиста енергија. Важно е да знаеме дека сите мора да учествуваат во овој процес, особено младите кои се повеќе се свесни за климатските промени и нивниот импакт“, посочи Нуредини.

Определбата на Владата за зелен раст и инвестиции во тој правец ја потврди и министерот за финансии Фатмир Бесими. Тој посочи дека  токму денешното потпишување на спогодбата за финансирање на брзиот автобуски превоз за Скопје е пример за еден од начините за редуцирање на стакленичките гасови од транспортот и придонес кон зацртаните цели.  Бесими најави проекти и инвестиции во повеќе сектори како фотонапонската централа Осломеј и гасификацијата, но и воведување новини како данокот на јаглерод.

Според Нарине Сахакјан, постојан претставник на УНДП во земјава, изминатата година беше тешка за сите држави кои се борат да ги намалат последиците од пандемијата во економиите. Сепак, и покрај тие предизвици, во овој период се создадоа и можности да се направат решенија за транзиција кон зелена економија и со пакети за закрепнување да се направат системски промени кои ќе допринесат за намалување на климатските промени.

Теодора Обрадовиќ- Грнчаровска од Министерството за животна средина посочи дека Парискиот договор бара од државите да ги ревидираат националните придонеси врз основа на спроведените научни истражувања, што и беше направено кај нас, што го прави овој предлог многу реален.

„Документот за ревидираниот национален придонес има апсолутно поклопување со други стратешки документи како Програмата за Стратегијата за енергетика или Националниот план за клима. Декарбонизацијата на општеството влезе во политиките, што докажува дека економскиот раст и развој е можен без да биде на сметка на животната средина. Процесот беше инклузивен и ги вклучи и локалните самоуправи и невладиниот сектор. Во иднина не очекува многу работа, имаме листа од 63 конкретни акции во пет сектори со потенцијал за редукција на стакленичките гасови, до крајот на годинава треба да се донесат и законот и стратегијата за климатска акција програмата за енергетика и други документи“, посочи Обрадовиќ –Грнчаровска.

Ревидираните национални цели, според проф. Наташа Марковска од МАНУ, не вклучуваат намалување на емисиите на стакленички гасови за 51 отсто само преку редукции од енергетскиот сектор или градежништвото, туку од целата економија.

„Ако порано имавме цел за намалување на јаглеродниот диоксид, новиот придонес предвидува редукција и на метанот и диазотниот оксид. Трите најважни мерки за остварување на целта се исфрлање на фосилните горива, ставање на фокусот на обновливите извори на енергија, воведување на данокот за емисии на јаглероден диоксид и воведување енергетска ефикасност во сите сектори“, посочи Марковска.

Клучните климатски акции во енергетскиот сектор, иако државата нема големи енергетски ресурси, треба да се насочат кон тоа да не се заголемува увозната зависнсот, смета Александар Дединец од МАНУ. Додава дека неопходно е да се свртиме кон домашните ресуси како обновливите извори на енергија и енергетската ефикасност кои го трасираат патот кон декарбонизација на земјата и исполнување на целта од намалување на 51 отсто од емисиите.

„Не очекуваат мерки за енергетска ефикасност во сите сектори, на пример инвестиции во соларни фотонапонски централи или ветерни централи, инвестиции во флексибилност на енергетскиот систем, во гасификација која за индустријата треба да биде транзициски гориво, а мора да се реализираат и зафатите како хидроцентралата Чебрен. Потребен е и фокус кон електрификација на транспортот, бидејќи во овој сектор емисиите се зголемуваат, а тој тренд мора да се запре и подобри“, смета Дединец.
По енергетскиот сектор, земјоделството во светски рамки е вториот емитер на стакленички гасови, а истиот тренд важи и кај нас. Емисиите се пред се од сточарството, кое е најголем емитер на метан на планетата.

Според професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна, не само што е возможно земјоделството да ги намали емисиите, туку е возможно тоа да стане и апсорбер на стакленички гасови. За тоа е потребно спроведување на низа мерки кои ќе ги опфатат и обработката на земјата, сточарството и другите земјоделски гранки.