fbpx

„Бомба“ на Заев: Никола Груевски се обидел да ја убие вистината за Мартин Нешковски

-

„Презедовме обврска да ја објавиме целата вистина за криминалното работење на Груевски. Јавноста дозна дека за Никола Груевски и за неговите соработници нема ништо посвето, отколку тоа да бидат на власт. Еве уште една вистина дека ни загубен живот нема никаква цена за власта и како некој сакаше да ја скрие вистината за Мартин Нешковски“, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на прес-конференцијата на која објави нови прислушувани материјали.

Според Заев, на снимките се слуша како Сашо Мијалков признава дека полицаецот Игор Спасов го извршил убиството, а не физичкото лице Игор Спасов и дека Јанкулоска ја крие институционалната одговорност за ова убиство.

На една од денеска објавените снимки, Гордана Јанкулоска и Иво Котески зборуваат за убиството на Нешковски. Котески ѝ вели дека новинарите прашуваат дали „алфите“ го извршиле убиството. Јанкулоска инсистра тоа да не се објавува во јавноста веднаш по победата на ВМРО-ДПМНЕ на изборите.

Мартин Протоѓер ја замолува Јанкулоска да објават нешто за убиството. Таа му објаснува дека имале изјава во медиумите и тврди дека убиениот бил наркоман.

Котески и Јанкулоска зборуваат за тоа како медиумите известуваат за случајот. Котески ѝ вели дека не можат да шпекулираат, а Јанкулоска му одговара дека ќе го расчистат убиството. За тие што протестираат, Котески вели дека се „копиљаци“ и дека не се знае кој му е роднина на убиеното момче.

Во друга аудиоснимка што лидерот на СДСМ ја обелодени денеска, според него, Сашо Мијалков ѝ објаснува на Гордана Јанкулоска дека припадник на специјална единица, кој бил на должност, го убил Нешковски. Тој реагира зошто медиумите биле нервозни кога се знае дека убиството не може да се реши за еден час. Мијалков ѝ вели дека убиениот бил „џанкер“. Тој се жали дека секоја работа им оди со малер.

Мартин Протоѓер, на следниот објавен аудиозапис, според Заев, ѝ кажува на Јанкулоска дека Нешковски бил нивни член од Карпош. Јанкулоска му објаснува дека ваков случај не може да се скрие. Му објаснува како се случило убиството и дека „детето, кога се сопнало, го начекал припадникот на специјалната единица и го претепал“. Јанкулоска му вели дека не смеело така да се постапи и дека требало веднаш да се реагира. На крајот, таа заклучува дека добро било што се затворил случајот.

Во следен разговор меѓу истите соговорници, Протоѓер ѝ кажува на Јанкулоска да се изведе полицаецот пред истражен судија. Таа му објаснува дека се расправала со Урко (Дејан Митровски) зошто случајот се криел два дена и дека Урко рекол оти чекале затоа што не знаеле што да прават. Таа му кажува дека ја оплескале работата и дека треба што побргу да се заврши. Исто така, министерката го информира дека сега смислуваат како да го оправдуваат појавувањето на полицаецот, кој не бил на должност таа вечер.

На друга аудиоснимка што Заев ја објави на денешната прес-конференција, Котески зборува со Јанкулоска и ѝ кажува дека сега полицаецот не признава дека го извршил убиецот. Котески ѝ објаснува дека треба да се притисне за да ја признае вината. Зборуваат за тоа како известувала телевизија „Сител“, која кажала дека Нешковски крадел пијалаци и поради тоа го претепале. Јанкулоска му вели дека тоа е глупав изговор. Јанкулоска му признава дека Урко ѝ потврдил дека тој го викнал полицаецот да биде на плоштад. Котески ѝ тврди дека за нив е подобро да се каже дека Спасов не бил на работа таа вечер.

Последниот разговор што Заев го објави денеска, според него, е меѓу Гордана Јанкулоска и Никола Груевски. Таа му кажува дека мора да се стегнат. Груевски ѝ објаснува дека Урко лаже и дека се обидел со сè и сешто со него, но дека отанува само да го смени. Јанкулоска го информира за записникот кој не бил направен како што треба. Таа му објаснува дека специјалец не може со усна наредба да се појави на работа. Таа му објаснува дека Урко барал од неа да го замоли претпоставениот на Спасов да каже дека дал усна наредба. Груевски ѝ кажува да каже дека тој работел во „тигрите“ и дека не бил од неговото обезбедување. Тој инсистира да се каже дека Спасов бил приватно таму, а не бил на работа.

На крајот од прес-конференцијата, лидерот на СДСМ одговараше и на новинарски прашања. На прашање за најавените смени во позицијата, Заев рече дека треба да се смени врвот на Владата зашто „рибата смрди од главата“.

– Тоа што се случува е поради него и затоа не е прифатливо тоа што Груевски сака да направи реконструкција на некој што се изморил – изјави Заев.

За изјавата на Црвенковски дека СДСМ не анализира доволно пред да преземе чекори, Заев рече дека тие се демократска партија во која постои дебата. Тој рече дека треба заедно, сплотено да излезат на протести.

– Ова не е право само на опозицијата. Ова е обврска на сите граѓани да се борат за својата слобода. Протестот ќе биде мирен, ненасилен за да се издејствува победата. Направивме сè што е во интерес на земјата, но во духот на социјалдемократијата и на граѓанскиот аспект. Нема суети, ги оставивме дома. Кажуваме дека не сме доволни само ние. Народот мора да се обедини доколку сака да има слобода и демократија – изјави Заев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...