Итен состанок со ветеринарните служби и со инспекциите денеска имаа сточарите од Општината Карбинци. Болеста јазлеста кожа се прошири на неколку стада во оваа општина. Сточарите велат дека ветените вакцини задоцнија, а болеста со појавата на комарците интензивно се шири.

Сточарите на состанокот се пожалиле дека допрва ќе трпат загуби. Бараат час поскоро преку вакцинација да ги спасат сè уште здравите говеда.

Дополнителна паника предизвикаа високата температура и појавата на комарците, кои ја пренесуваат болеста. И покрај препораката, двете општини, Штип и Карбинци, немаат спроведено дезинсекција.

Градоначалникот на Карбинци, Зоран Минов, на состанокот смируваше дека од Агенцијата за храна и ветеринарство му најавиле дека деновиве ќе почне вакцинирањето и во оваа општина.

Вчера во соопштение Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека во зафатените региони, главно во Источна Македонија, спроведуваат втора фаза од вакцинацијата за да се заштитат здравите грла, кои не биле во допир со заболените животни.

Маре Стоилова, претседателка на Независниот синдикат на земјоделците за Брегалничкиот Регион, најавува дека синдикатот ќе бара правна одговорност од надлежните служби.

– Заболените говеда се уништуваат без на сточарите да им се издаваат документи, а угинатата стока се закопува во несоодветни јами – вели Стоилова.

Според неа, за кратко време болеста од ниските делови на Карибинци се проши до највисоките делови. А сточарите, од страв да не им ги регистрираат стадата како заболени, угинатата стока не ја пријавуваат и сами ја закопуваат.