fbpx

Бојкот на наставата поради екстремно загадениот воздух во Тетово

-

Екстремно загадениот воздух во Тетово ги принуди дел од родителите да не ги пуштаат своите деца на училиште.
Тие денеска во дворот на основното училиште „Лирија“ организираа мал протест и најавија дека ќе ја бојкотираат наставата сè додека властите не преземат мерки против загадениот воздух.

– Бевме принудени да преземеме вакви чекори. Синоќа се организиравме на социјалните мрежи и решивме да не ги пуштаме нашите деца на училиште. Ако продолжи ваквата состојба, само прашање на време е кога ќе се разболи целата популација што живее во Тетово – изјави Елмедина Абдулаи, родител на ученик.

Еколошките здруженија бараат Општина Тетово да прогласи вонредна состојба.

– Досегашните мерки што ги презеде локалната власт за намалување на загадениот воздух не донесоа никакви резултати. Затоа бараме прогласување вонредна состојба, со што ќе се забрани сообраќајот во центарот на градот и, ако треба, некои фабрики привремено ќе се затворат сè додека не се намали аерозагадувањето – изјави Аријанит Џафери од здружението „Еко герила“.

Оттаму додаваат дека локалната власт го игнорира проблемот со дивата депонија и сè уште нема најдено решение за комбинатот „Југохром“, кој работи без еколошка дозвола, а во градот јавниот превоз е воведен само на хартија.

Од Општина Тетово велат дека континуирано се спроведуваат мерки против аерозагадувањето. Забранета е достава на стока по маркетите и во магацините по 8 часот, забранет е транзитниот сообраќај на тешките товарни возила низ центарот на градот, а повремено, според властите, се мијат и главните булевари со калциум ацетат.

Но, овие мерки не придонесоа тетовци да дишат почист воздух. Напротив, синоќа концетрацијата на честичките ПМ10 во воздухот беше 20 пати повисока од дозволената вредност.

За заштита од загадениот воздух, невладините организации симболично на граѓаните попладнево им делеа тегли со чист воздух.

– Целта на акцијата е да ја разбудиме свеста кај властите, па и кај граѓаните, секој на свој начин и колку што може со своите постапки, да придонесе за ублажување на состојбата со аерозагадувањето – изјави Гзим Османи од невладината организација „Лоја“.

З.Д.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создаваат само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...