За речиси една година од работењето на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, бројот на иматели на информации од јавен карактер е зголемен за 146. Агенцијата денес на Листата на иматели на информации од јавен карактер има евидентирано 1.403 институции.
Ова денеска го истакна, директорката на Агенцијата, Пламенка Бојчева по повод Меѓународниот ден на слободниот пристап до информации.
„Во првите два месеци од оваа 2020 година, Агенцијата постапи по повеќе од 750 заостанати предмети од периодот на Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, а воедно тековно постапува, во законските рокови, по новопримените жалби кои до ден денес се повеќе од 600,“ изјави Бојчева.
Зголемениот број, како што истакна таа, се должи на обуките на лицата одговорни за доставување информации од јавен карактер, а со тоа и зголемување на транспарентноста на самите институции. Таа ги повика граѓаните и граѓанските организации и медиумите да го користат правото на слободен пристап до информации од јавен карактер.
„Агенцијата е тука да ги поддржи овие процеси и да придонесе во напорите за отворено и отчетно општество и информирани граѓани,“ порача Бојчева.
Преку проект финансиран од ИПА 2, информираше Бојчева, Агенцијата работела на зајакнување на своите институционални капацитети преку промоворање и зајакнување на спроведувањето на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, преку реорганизација и продуцирање на интерни документи, имплементација на модернизирани ИТ алатки и обезбедување подобрени услуги за барателите на информации.
„Покрај подигнување на јавната свест за правото на слободен пристап до информаците од јавен карактер, зголемување на одговорноста и транспарентноста на државните органи како и зајакнување на капацитетите на имателите на информациите, креирана е веб-страница на Агенцијата, како и е-порталот за баратели slobodenpristap.mk со цел да ги почитуваат законските прописи и европските стандарди со реализација на проектот. На овој портал се наоѓа листата на иматели на информации, до која барателите ќе можат директно да пристапат до иматели на информации. Во подготовка е и изработка на е-портал за имателите, кој има за цел, доследна примена на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер,“ додаде Бојчева.
Во 2019 година, имало 8.700 барања за пристап до информации од јавен карактер
Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.