fbpx

Боите на Француското претседателство со ЕУ

-

Франција на почетокот на нејзиното претседателствување на ЕУ ги обои своите знаменитости со боите на Европската Унија. Меѓутоа, дури и симболиката не помина без контроверзи. Француската крајна десница олицетворена во Мари Ле Пен, која инаку се залага за излегување на Франција од ЕУ, остро регираше поради замената на француското знаме со знамето на ЕУ под Триумфалната порта, макар и симболично, за многу кусо време. Така, француското претседателство со ЕУ доби силна национална боја уште на почетокот, нешто што се очекуваше поради француските претседателски избори кои треба да се одржат во април годинава.

Автор: Малинка Ристевска – Јорданова

Во Програмата на француското претседателство, објавена првиот ден од годинава, чии амбиции претседателот Макрон ги презентираше минатиот месец, суверенитетот е еден од клучните приоритети. Меѓутоа, овојпат како „суверенитет на ЕУ“, со атрибутите „моќна Европа во светот“, „слободна да прави свои избори“ и „господар на сопствената судбина“, или како што ја објасни Макрон пред четири години во говорот на Сорбона „нашиот капацитет да постоиме во денешниот свет и да ги браниме нашите вредности и интереси“.

Во Програмата на француското претседателство суверенитетот на ЕУ треба да се брани пред сѐ преку зајакнување на границите на Унијата, унапредување на одбранбената политика, просперитетот и стабилноста на соседството, како и преку нејзиниот придонес во решавањето на светските проблеми. И тука, во третиот аспект, веднаш се наоѓаме ние, како „ангажман на Западниот Балкан“ (по што, секако следи „обновата на односите“ со континентот од стратешко значење за Франција –  Африка). Франција, покрај новата методологија на проширување, го воведе и терминот „стратешки ангажман“ кон Западен Балкан, кој сѐ почесто се користи на ниво на Унијата за регионот.

Сепак, во Програмата не се бега од проширувањето, сместено како поднаслов во „општи работи“, каде што и припаѓа во формациите на Советот на ЕУ. Тука е општата заложба да се обезбеди продолжување (одн. проследување) на преговорите со кандидатите за членство, секако нагласувајќи ја примената на новата методологија која Франција ја изнедри. На таа линија, за Западен Балкан во целина, Франција „ќе промовира активности за длабоки и трансформативни реформи во областите на правната држава, демократските институции, слободата на медиумите и економските реформи, кои ќе го олеснат преземањето на европското законодавство“. Заложбите се идентични и во Програмата на Триото, во кое покрај Франција влегуваат и Чешка и Шведска, како следни претседателства на ЕУ.

Западниот Балкан секако се споменува и во делот за надворешните односи на Унијата – на крајот. Медиумите веќе посветија доволно внимание на конференцијата за регионот најавена за крајот на француското претседателство. Сепак, да напоменеме и дека заложбата е за „конкретна соработка“, со нагласка на регионалната соработка и регионалната стабилност.

Секако, како што нѐ учи искуствотото, не е најважно напишаното, туку стореното. Затоа не само читањето меѓу редови, туку конкрените пораки и постапки ќе бидат најзначајни. Пораките од француските претставници до земјава се дека Франција не бега од ангажман на Франција во надминување на пречките за почеток на преговорите со Унијата. Во таа насока се изјавите на државниот секретар за европски прашања на Франција Клеман Бон и особено на францускиот амбасадор Бомгартнер. Тие најавуваат дипломатски ангажман на Франција за постигнување решение кое ќе ги има предвид црвените линии на двете земји. Се чини премногу амбициозно, но амбицизноста е главниот атрибут што аналитичарите и медиумите му го придаваат на француското претседателство.

Како и да е, она што ќе се случува зад сцената ќе биде позначајно од она што ќе се случува на отворена сцена. И очекувано – Франција ќе го продолжи разговорот со нас кога ќе се додефинираат соговорниците – односно кога ќе има нова македонска влада.

Ќе згрешиме доколку од Програмата во земјава ги анализираме само оние делови во кои се споменува Западниот Балкан, зашто насоката во која се движи Унијата има последици за нас, за кои мораме да бидеме подготвени. Овде накусо ги презентираме:

Првиот приоритет – суверенитетот на ЕУ, се операционализира преку три аспекти: реформа на Шенген, натамошно продлабочување на одбранбената соработка, воспоставување на механизам за кризи на границите и продолжување на работата на Пактот за миграција.

Вториот приоритет – новиот модел на раст, ги следи веќе декларираните приоритетити на ЕУ: создавање работни места преку иновации и технолошки развој; економски развој усогласен со амбициите за климата; дигитална Европа и поквалификувана и подобро платена работна сила. Франција покажува решителност за спроведување на амбициозната законодавна програма на ЕУ „Подготвени за 55“ поврзана со Зелената агенда.

Во третиот приоритет – хумана Европа, се содржани повеќе активности и области: Конференцијата за иднината на Европа, Европа која го брани владеењето на правото, доследна на своите вредности и, секако – културата, науката, знаењето и младите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Може да се раскине кој било договор, прашање е цената

Ванковска делумно точно оценила дека раскинувањето на договорите со Бугарија и Грција „е лесно“ и „малку потешко“. Но, нејзината проценка колку лесно или колку тешко се раскинуваат билатералните и...