fbpx

Богоев: Јакимовски е корумпиран измеќар на Груевски и на Мијалков во Карпош

-

Кандидатот за градоначалник на СДСМ за Општина Карпош, Стефан Богоев, рече дека Карпош веќе неколку години е киднапиран од лажни ветувања и од урбаната мафија, која од зелена оаза направила бетонски монструм.

– Го гледам деновиве, еден од шефовите на урбаната мафија, Стевчо Јакимовски, вели „резултати, а не приказни“. И да знаете, во право е. Пред четири години, неговата приказна беше дека е чесен и независен, но по четири години резултатот негов е дека е корумпиран измеќар на Никола Груевски и на Сашо Мијалков во Општина Карпош – рече Богоев, додавајќи дека ставаат точка на ваквото работење.

Богоев најави дека веднаш по победата, ќе спроведе целосна ревизија на деталните урбанистички планови и на финансиското работење на Општината, како и целосен попис на зеленилото и изградба на голем зелен парк долж реката Вардар. Тој најави решавање на проблемот со паркинг-просторот со изградба на еколошки зелени паркиралишта, по принципот на Германија, топлински ефикасни фасади, три реонски базени во општината и три нови градинки и бесплатни домашни лекарски прегледи за сите повозрасни жители на Карпош.

Кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, порача дека Скопје мора да биде европски град со кој сите ќе се годееме.

– Овде, во Карпош, најдобро знаете што е измама, што е насилство и како некој преку ноќ ни ги менува имињата на нашите улици, како ни никнуваат згради пред нашите домови и како ни ја земаат слободата. Затоа овојпат, на 15 октомври, исто како на 11 декември, уште еднаш сите ние заедно, во Скопје, во Карпош, во цела Македонија, одлучно, храбро и достоинствено ќе нанесеме уште еден тежок пораз на Никола Груевски и на неговиот режим во распаѓање – рече Шилегов, додавајќи дека гласот за Коце Трајановски и за Стевчо Јакимовски е глас за Груевски.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, нарекувајќи го Карпош бастион на СДСМ, рече дека Стефан Богоев е новото лице кое му треба на Карпош.

– Ве уверувам дека на 15 октомври Карпош излегува од сенката на верниот поданик на режимот. На Карпош му треба Стефан Богоев, му треба енергија, амбиција и ум за промени. Сето тоа го поседува Стефан Богоев – рече Заев.

Тој ја побара поддршката од граѓаните „за на 15 октомври да се заокружат промените“.

– Овој бандитот досега, прво беше Стевче, па стана Стевчо, ама никогаш нема да стане Стефан. Затоа доаѓа Стефан Богоев да одржи лекција за сите – рече Заев, додавајќи дека ова не се обични локални избори, бидејќи на овие избори се одлучува дали Македонија продолжува да се развива во просперитетна земја или ќе стане црна дупка на Балканот.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...