фото: мин за транспорт и врски

Железничката пруга што беше оштетена кај Куманово поради излизгување на товарниот воз во четвртокот, од утре ќе биде повторно ставена во функција, информира министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски кој денеска заедно со директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, Хари Локвенец, извршија увид на санацијата на 250 метри пруга што беше оштетена. Бочварски рече дека вработените во рекордно време ги отстраниле вагоните и ја санирале штетата, со цел да се нормализира меѓународниот транспорт на стока.

„Денеска сме кај Романовце каде претходната недела имаше инцидент со превртување на дванаесет товарни вагони, при што беше оштетен голем дел од пругата на Коридорот 10. Околу педесетина луѓе овде работат деноноќно, со цел што побрзо пругата да се стави во функција. Им се заблагодарувам јавно на сите вработени и останати кои се вклучија и помогнаа во оваа работна акција што се одвиваше во изминативе неколку денови, за време на велигденските празници, но и во време на ифтар. Нашите очекувања се дека веќе од утре ќе се направат сите припреми да се врати во нормална работа оваа делница”, изјави Бочварски.

Според директорот на ЈП ЖРСМ Инфраструктура Хари Локвенец, оштетувањето на пругата е од голем обем, но санацијата е извршена во рекордно време.

„Од композиција со дваесет вагони, дури дванаесет беа превртени, но во овој момент сме кон крајот со реконструкција на овој дел од пругата. Овие неколку празнични денови со ударна сила покажавме дека можеме да направиме подвиг, саниравме 250 метри целосно нова пруга и ЈП потврди дека може да работи и во кризни услови, но докажа и дека има капацитет да ја заврши работата во рекорден рок”, изјави Локвенец.