Сегашната состојба на автопатот Тетово-Гостивар | Фото: Бојан Блажевски, Мета.мк

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски денеска изјави дека годинава ќе се започне со постапка за изработка на физибилити студија за изградба на нов автопат од Гостивар до Тетово.

При денешната посета на Тетово, тој заедно со заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи остварија средба со градоначалникот на општина Тетово, Теута Арифи, на која средба се разговараше за инфраструктурни проекти во општината и регионот.

На средбата, покрај другите проекти што се реализираат во општина Тетово,  министерот Бочварски потенцираше дека во програмата на ЈП за државни патишта за оваа година предвидена е изработка на студија за изградба на нов автопат од Гостивар кон Тетово.

„Бидејќи има голем број на постоечки инфраструктурни објекти на сегашната траса на патот, предвидено е тие да бидат реконструирани. Едната варијанта која се разгледува е постоечката траса да се користи од Тетово до Гостивар, а од Гостивар до Тетово да се изгради нов пат така да ќе добиеме ново модерно решение. Предвидено е оваа година да се започне со постапка за изработка на физибилити студија и некаде следната година очекувам да започне пробивање на новата траса“, изјави министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Инаку, автопатот Тетово-Гостивар е најфреквентниот патен правец во државата со години наназад. По делницата долга 22 километри, се вози по брановиден и оштетен асфалт, кој е полн со дупки и нерамнини со кои се отежнува движењето на возилата. Дел од заштитната ограда повремено се оштетува, па неретко и животни претрчуваат на патот, со што се загрозува безбедноста во сообраќајот.