fbpx

Бочварски најави построга контрола на реализацијата на капиталните инвестиции

-

Многу бројки и ветувања, но кај дел од инфраструктурните проекти има доцнења во изведбата и пролонгирање на крајните рокови за изградба. Поради ова, државата на централно ниво догодина ќе формира единица за надгледување и реализација на капиталните проекти со цел да се испорача високо ниво на реализација. Ова го спомена министерот за транспорт и врски Благој Бочварски на денешната прес-конференција, на која го претстави буџетот на Министерството за транспорт и врски за 2021 година.

„Така на пример ќе бидеме обврзани во првото тромесечје да реализираме најмалку 15 отсто од планираните средства, второто тромесечје до 40 отсто, односно 65 отсто до третото тромесечје, согласно законот за извршување на Буџет за 2021 година. Така да очекуваме силна посветеност во реализација на сите планирани проекти”, истакна министерот Бочварски.

Меѓу проектите што доцнат, тој ја спомена пругата кон Бугарија, за која нагласи дека наредната година со распишување на еден тендер ќе се бара изведувач и за делницата од Куманово до Бељаковце и за делницата од Бељаковце до Крива Паланка. Вкупно, за изградба на железницата на Коридорот 8 и за одржување на железницата на Коридорот 10 ќе се издвојат 1,8 милијарди денари.

„Секако ќе бидам задоволен доколку во првиот квартал успееме да избереме изведувач на пругата кон Бугарија. Се работи за првите две фази, коишто сакаме како еден единствен тендер да ги распишеме и притоа да избереме изведувач. Посакуваме тоа да биде силен изведувач“, изјави министерот Бочварски.

Во делот на автопатот Кичево-Охрид, тој посочи дека во 2021 година ќе бидат завршени и пуштени во употреба 20-ина километри од оваа делница долга 57 километри. Досега во овој градежен проект биле потрошени околу 350 милиони евра. Краен рок за завршување на автопатот Кичево-Охрид денеска не беше прецизиран. Придвижување Бочварски очекува и кај експресниот пат Градско-Прилеп, односно догодина да продолжи изградбата и на првата и на втората фаза од овој нов патен правец.

Министерот Бочварски информираше дека следната година во соработка со Град Скопје ќе отпочне имплементацијата на проектот за брз автобуски систем во Скопје, каде Град Скопје ќе биде носител и имплементатор на проектот „трамвај на тркала“. Министерството за транспорт и врски е овластен претставник за земјата за повлекување на средства од ЕБОР, при што за овој проект во 2021 година предвидени се 33 милиони денари.

Во делот на субвенционирањето на авиокомпаниите за воведување нови авиолинии, Бочварски се надева дека ковид-19 пандемијата ќе дозволи наредната година државата повторно да отпочне со доделување на средства за отворање на нови дестинации од нашите аеродроми. За субвенции за „Визер“, коишто пролетва беа укинати поради ковид-19 пандемијата, од државниот буџет догодина се планирани 69 милиони денари.

Од буџетот на Министерството за транспорт и врски во 2021 година ќе се издвојат и 749 милиони денари за изградба на магистралните гасоводи, 937 милиони денари за канализации и водоводи, 615 милиони денари за санација на локални улици и патишта во општините, 134 милиони денари за изградба на социјални станови и 150 милиони денари за изведба на браната Отиња во Штип.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОЛАФ бара Македонија да врати 22 милиони евра за проекти од 2016 до 2018 година

Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ) бара поврат на 2,2 милиони евра од Северна Македонија злоупотребени преку програмата Еразмус+ во периодот од 2016 до 2018 година. Во 2019 година...