Блупринт групата за реформи во правосудството побара брза, темелна и независна истрага за случајот со загадувањето на водата за пиење во Гостивар, оценувајќи дека станува збор за сериозен показател на можни системски слабости, а не за изолиран инцидент.
Во реакцијата, тие посочуваат дека забраната за користење на водата од градскиот водовод, прогласената епидемија и одлуката на Владата од 21 јули за прогласување кризна состојба отвораат сериозни прашања за институционалната одговорност и за тоа дали биле исполнети законските обврски за заштита на здравјето на граѓаните.
Според Блупринт групата, неопходно е да се утврди дали надлежните институции имале или требало да имаат сознанија за потенцијалното загадување и за ризиците по јавното здравје, но не презеле навремени мерки за нивно спречување или ограничување.
„Доколку се утврди такво непостапување, тоа не може да се третира како обичен пропуст, туку како сериозно нарушување на обврската на институциите да постапуваат со должно внимание, согласно принципите на законитост, одговорност и заштита на јавниот интерес“, наведуваат од Блупринт.
Оттаму бараат Основното јавно обвинителство да спроведе брза, темелна и ефикасна истрага за утврдување на кривичната и евентуалната институционална одговорност на сите лица кои придонеле за загрозување на здравјето на граѓаните.
Според нив, истрагата не смее да се ограничи само на утврдување кој ја поставил незаконската инсталација, туку треба да ги опфати и функционирањето на системот за мониторинг, инспекцискиот надзор, лабораториските анализи, начинот на земање примероци и евентуалната одговорност на службените лица задолжени за контрола на квалитетот на водата.
Блупринт групата оценува дека, според информациите објавени во медиумите, се создава впечаток дека надлежните институции не ги исполниле законските обврски, дозволувајќи епидемијата да продолжи да се шири без соодветно да се води сметка за последиците врз здравјето на граѓаните.
Воедно, тие забележуваат дека Владата и здравствените институции сè уште не обезбедиле јасни информации за тоа колку ќе траат ограничувањата за користење на водата, кои се критериумите за нивно укинување и кога може да се очекува нормализирање на состојбата.
Од Блупринт нагласуваат дека граѓаните имаат право навремено да бидат информирани за причините за кризата, мерките што се преземаат, ризиците по здравјето и препораките за постапување во услови на прогласена епидемија и кризна состојба.
Според нив, случајот со загадената вода во Гостивар мора да заврши со јасно утврдена одговорност и конкретни системски мерки за да се спречат слични ситуации во иднина, бидејќи во спротивно ќе претставува уште еден пример за ненавремено постапување на институциите на штета на јавното здравје и довербата во владеењето на правото.
